На празникот Духовден, 23 мај 2021 година, Н.В.П. монс. Киро Стојанов, во сослужение на скопскиот катедрален парох дон Паво Шекерија и о. Марјан Ристов, канцелар, служеше света понтификална Миса во Катедралата „Пресвето Срце Исусосо“ во Скопје, а воедно подели и света Тајна Потврда на г-ѓа Лилјана.
Во својата проповед рече: Драги браќа и сестри, од библиските читања слушнавме за невообичаени појави на денот на првиот Духовден: татнеж на ветрот во салата, пламен во форма на јазици над главите на апостолите, чудесно познавање на непознати јазици, чудење на собраниот свет и потсмев. Сето ова најави и објави невидлив настан: доаѓање и присуство на Светиот Дух, кој на необичен начин ги исполни душите на апостолите и заедниците собрани со нив.
Но, да обратиме внимание на суштината: Исусовите ученици и првата христијанска заедница се наоѓаат заедно; собрани и обединети во љубов и молитва, тие очекуваат да се исполни Исусовото ветување: да бидат „крстени со Светиот Дух“, за да може да бидат негови сведоци „до краиштата на земјата“. Само Светиот Дух – Утешител и Бранител, ќе ја претвори оваа мала, исплашена заедница во жива, бестрашна Црква, сведок на Исусовото дело и живот.
„И сите се исполнија со Дух Свети“ пишува во Делата апостолски за првите христијани. Сепак, тоа е напишано за сите христијани и за нас денес. Црквата е за секој; Светиот Дух е ветен на сите: на целата Црква и на сите во Црквата. Затоа ниту нашиот денешен празник – Духови – не е само споменден-годишнина од првите чудесни Духови туку многу повеќе: повторување, наше лично оживување и доживување на тој настан. Духови, имено, се трајно доживување на Црквата: таа е тело што расте и се храни со силата на Светиот Дух; зграда што Тој ја изградува и доградува: Духови се секој ден.
„И не оскрбувајте Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето“ (Еф 4,30). Божја сме сопственост, запечатени со Свтиот Дух; денес треба особено да го запомниме тоа и да ја продуховиме и освежиме нашата душа и нашето христијанство. Свесни за оваа голема вистина, ние треба да се стремиме многу сериозно и секој ден ова тело – наше и на нашата Црква – да биде што е можно поздраво и посвето; и што е можно помалку да го жалостиме Светиот Дух, истакна бискуп Стојанов.