Пред точно девет години, на 8 јули, папата Фрањо го посети Лампедуза, остров кој ја симболизира маката на мигрантите во Медитеранот. Во ова незаборавно прво апостолско патување на неговиот понтификат, Фрањо го истакна важното прашање на братството. Предупредување кое денес изгледа уште поитно во светот обезличен од војна, каде што се прават напори да се надмине кризата на пандемијата.
Алесандро Џизоти
Има настани од овој понтификат, плод на изборот на Фрањо, кои како што минуваат годините добиваат сè поголема сила и димензија и не би преувеличувале доколку се дефинираат како пророчки. На 8 јули, пред девет години, неколку месеци по почетокот на Петровата служба, Фрањо го презеде своето прво апостолско патување во Лампедуза. Посета со порака, бидејќи во овие неколку часа поминати на островот, симбол на мигрантската драма во Медитеранот, Фрањо со гестови и знаци сведочи што мисли со изразот „излегување на Црквата“. И покажа зошто мораме да тргнеме, конкретно, не метафорично, од „егзистенцијалните периферии“ ако сакаме да изградиме поправеден и поподдржувачки свет, човештво помирено со себе.
Од таа посета, сè уште го носиме неизбришливото сеќавање на некои слики: Папата слави света Литургија на олтар направен од чамци на мигранти; венец со цвеќе фрлен во морето од чамецот;прегратката со момчињата кои ги преживеаја овие патувања на надежта, но кои за жал често се претвораат во патувања на очај. Слики кои ја покажуваат сржта на посетата – состојбата на мигрантите.
Во оваа прилика, Фрањо одржа проповед што го прошири погледот, почнувајќи од овој остров и што значеше тој во тој момент. Проповед што заслужува да се препрочита (и уште повеќе да се слушне) во контекст на она што се случува во последните месеци во Украина од рускиот напад, како и во секој агол на Земјата каде што војната го ослободува „духот на Каин“ да се убива, наместо духот на мирот“.
Во таа проповед, Папата понуди размислување за дијалогот што Бог го води со Каин веднаш по убиството на неговиот брат Авел. Бог го поставува прашањето што денес и секогаш треба да звучи како предупредување за секој од нас: „Кание, каде е братот твој? Шест пати Фрањо го повторува ова продорно прашање: „Каде е братот твој? Твојот брат мигрант, твојот брат погоден од сиромаштија, твојот брат уништен од војна. Во годините по тоа патување, Папата постојано се враќаше на антиномијата братство-братоубиство. На 13 февруари 2017 година, на светата Литургија во религиозниот дом Света Марта во Ватикан, повторно зборувајќи за Каин и Авел, тој изговори многу силни зборови на осуда за оние кои одлучуваат дека „парче земја е поважно од братската врска“. Фрањо ги предупреди моќниците на земјата кои се осмелуваат да кажат: „Ме интересира тоа парче земја, за она другото, ако падне бомба и убие двесте деца, не сум јас виновен: виновна е бомбата“.
Папата, автор на Fratelli tutti и Декларацијата од Абу Даби за братството, Римскиот епископ кој го зеде името брат Фрањо, предупредува дека токму оваа борба меѓу братството и братоубиството е најголемото прашање на нашето време. Како што минуваа годините, тој трагично го гледа мрачниот профил на она што тој го опишува како „Трета светска војна во делови“. И што е ова ако не е „братоубиство во делови“, зашто секоја војна го носи во себе оној злобен корен што го поттикнува Каин да го убие својот брат, а потоа да му одговори со презир на Бога, кој го повикува на одговорност: „Зар сум јас чувар на братот мој?“ (1. Мојсеева 4, 1-9).
За време на Statio Orbis на 27 март 2020 година, на празниот плоштад Свети Петар, Папата рече дека со бурата на пандемијата „се откри таа благословена заедничка припадност од која не можеме да избегаме: припадност како браќа“. Импресивно е да се споредат овие зборови со оние, горчливи и измачени, што ќе ги изговори во својата порака „До градот и светот“ на Воскресението Христово оваа година. „Време беше да излеземе од тунелот заедно рака под рака, здружувајќи ги силите и ресурсите“, нагласи Фрањо, мислејќи на „Ковид-19“. Но, наместо тоа, покажуваме дека духот на Исус сè уште не е во нас, туку духот на Каин е сè уште присутен, кој на Авел гледа не како брат, туку како ривал и размислува како да го елиминира“.
Фрањо постојано тврди дека од криза се излегува подобар или полош, но никогаш ист. Денес, човештвото се соочува со една од најдлабоките и повеќеслојни кризи со кои се соочило. За да излеземе подобри, мораме да го смениме правецот, повика Папата, да се оддалечиме од силната привлечна сила на Каин и решително да го ориентираме компасот на нашите животи кон Поларната ѕвезда на братството.
Ватикан њуз/к.мк