Претставници на италијанските извидници на аудиенција кај Папата
Папата Фрањо на 8 ноември се сретна со претставниците на Италијанското движење на возрасни католички извидници, по повод 60 години од нивното основање. Во својот говор, Папата го истакна црковниот и евангелски поглед на нивната организација и забележа дека типичната терминологија на извиднисите често го користи изразот „пат“ како лична вредност. Папата со тоа ги поттикна возрасните извидници да продолжат да ги градат патиштата на семејствата, создаденото и во секојдневниот живот.
Семејството е темелна клетка на општеството и прво место на воспитувањето и образованието. Поради тоа воспитувањето во семејството е од основна важност. Задачата на воспитување на децата, за христијанските родители во Црквата, е вистинско послание. Дијалогот меѓу сопружниците, слушањето и меѓусебното споделување се важни елементи кои им помагаат на родителите да бидат среќни и плодни, истакна Папата.
Говорејќи за градењето на патот на создаденото, Папата го истакна моралниот видик на еколошките прашања, нагласувајќи дека грижата за созданието му е доверена на човекот, па така, своето потполно остварување ќе го пронајде во новото небо и новата земја. Тоа е поттик за да препознаеме во создаденото печат на Создателот, а честиот контакт со природата предизвикува не само почитување кон неа, туку и конкретен труд на општеството во отстранувањето на отпадот, општества што ги отфрлаат добрата кои можат да се искористат и да се дадат на оние на кои им се потребни.
Зборувајќи за напредувањето во секојдневниот живот, Папата на возрасните извидници им порача дека се повикани да допринесат во заедничкото добро и во едноставноста и понизноста да ја сведочат Христовата љубов кон секоја личност, барајќи нови форми на евангелизација, верни на Христа и верни на човекот. Секојдневието, често, е заморно и понекогаш луѓето се ставени во опасност да се изгубат. Вистинскиот компас кој може да им се понуди на тие браќа е блиското срце, срце кое упатува кон Бог.
Продолжете го вашиот од со надеж за иднината. Вашата извидничка формација е добра вежба за тоа, рече Папата, потсетувајќи на споредбата на свети Павле: додека секоја дисциплина и напор на спортистите е упатена кон минлива наградба, христијанинот се труди околу надежта која не засрамува и која како жив камен се вградува во Црквената заедница. На крајот, Папата ги поттикна сите присутни да молат за него и ги благослови.
РВ/В.Н.