На 14 ноември 2017 во Скопје, во просториите на Македонски Каритас се одржа прва официјална средба на персоналот на Македонски Каритас со новоименуваниот директор дон Паво Шекерија, на која исто така присутен беше и Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Претседател на Македонски Каритас, како и поранешниот директор монс. Антун Циримотиќ.
Во поздравното обраќање до присутните, коодинаторот на Македонски Каритас Спасе Спасов, најпрвин изрази голема благодарност до бискупот Стојанов што одвои од своето време и зеде учество на оваа средба, како и до сите присутни.
Во своето обраќање бискупот Стојанов најпрвин изрази голема благодарност до поранешниот директор монс. Антун Циримотиќ за неговата неуморна работа во изминатите 26 години колку што постои Македонски Каритас. Исто така бискупот Стојанов се заблагодари до соработниците во Македонски Каритас за нивниот ангажман и ги охрабри и понатаму да продолжат заедно со новоименуваниот директор да бидат во служба на нашите ближни во потреба, без разлика на верската или национална припадност.
Директорот на Македонски Каритас, дон Паво Шекерија, искажувајќи ја својата благодарност до бискупот Стојанов за искажаната доверба да го води Каритас рече, дека едноставно продолжуваме понатаму да работиме за најпотребните и ќе настојуваме да ја оправдаме довербата искажана од бискупот.
Монс. Антун Циримотиќ најпрвин ја искажа својата благодарност до Бога, а потоа и до сите оние со кои што имаше прилика да соработува во изминатите години, период исполнет со големи предизвици, но и еден период на многу милости.
Средбата заврши со заедничко дружење.
к.мк