Папата Фрањо повика на акција за спасување на мигрантите во пустините на Северна Африка

Папата Фрањо повика на акција за спасување на мигрантите во пустините на Северна Африка

Светиот Отец апелираше до светските лидери итно да им помогнат на мигрантите заробени во пустините на Северна Африка, потсетувајќи на екстремните климатски услови и потребата да се реши глобалното затоплување.

По молитвата на Ангел Господов во неделата, 23 јули 2023 година, папата Фрањо зборуваше за се потрагичната ситуација што ги погодува мигрантите во северниот дел на Африка, каде илјадници од нив, среде неискажливо страдање, со недели се заробени и напуштени во пустинските области.

„Апелирам, посебно до европските и африканските шефови на држави и влади, за итна помош и помош на овие браќа и сестри“, рече Папата. „ Медитеранот никогаш повеќе да не биде место на смрт и нечовечност! Господ нека ги просветли умовите и срцата на сите, нека ги разбуди чувствата за братство, солидарност и прифаќање!“

Близина со жртви на екстремни климатски настани

Светиот Отец ја изрази својата близина и со оние кои страдаат од екстремни климатски настани, од една страна различни региони се погодени од ненормални топлотни бранови и разорни пожари, а од друга страна, многу места се погодени од невреме и поплави.

Посебно зборуваше за поплавите што ја зафатија Јужна Кореја и ја изрази својата близина со сите што страдаат и со оние кои им помагаат на настраданите и раселеното население.

„Го повторувам мојот повик до лидерите на народите да направат нешто поконкретно за да се ограничат емисиите на штетни гасови: тоа е итен предизвик и не може да се одложи, се однесува на сите!“.

Да го чуваме нашиот заеднички дом! – истакна Римскиот бискуп.

Молитва за Украина

На крајот, папата Фрањо ги замоли сите верници собрани на плоштадот Свети Петар да продолжат да молат за мир во напатената Украина, која и понатаму трпи смрт и уништување, како што за жал се случи синоќа во Одеса.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот