Пресвето Срце Исусово
Овој празник секогаш сака да нѐ допре во срцето и да му проговори на нашето срце. Во Симболот на Господовото срце ни говори за својата бескрајна љубов кон нас. Тоа што чувствувала и рекла света Маргарета Марија Алакок, се однесува и за нас. Таа била длабоко проткаенa со посветеноста кон Срцето Исусово и во својата едноставност и искреност ѝ рекла на својата поглаварка: Неизмерно е богатството на благодат и благослов што ова свето Срце во себе го крие. Не знам дали во духовниот живот постои било каква вежба на побожноста која би можела душата, за многу кратко време, подобро да ја издига до највисокото совршенство… Затоа, сакаме повторно да ја оживиме свеста за Божјата љубов кон нас, а секој празник на Пресветото Срце Исусово е најдобра можност за обновување на нашата љубов кон Срцето Исусово. На овој празник во нашето срце треба најдлабоко и најискрено да одекнува молитвата: „Исусе, кротко и понизно Срце! Направи го моето срце по Твоето срце!
Срце
Кога ги прашале децата за нив што значи срцето, едно вака одговорило: „Срцето ни служи за кога ќе се исплашиме да се допреме до него и да заклучиме дали сѐ уште сме живи!“
Децата навистина знаат да го погодат она вистинското и на најдобар начин. Тие нас нѐ изненадуваат. Ете, срцето е овде да чука и така ни покажува дека сме живи. И кога нешто доживуваме, убаво или лошо, радост или тага, срцето со своето отчукување ги покажува нашите емоции. Не го гледаме срцето само како некоја пумпа која ја спроведува крвта по телото, туку го доживуваме и како средиште на чувства за нашиот живот. Сето тоа што го чувствуваме, поминува низ нашето срце. Затоа со право велиме за некој човек дека има добро и благородно срце, чувствително, а пак за некој друг дека е без срце и заради тоа е бесчувствтелен. Срцето стана симбол на сѐ што е благородно, на севкупната човечка љубов.
Говор на Божјото Срце
Затоа не е ни чудо што Исус ни зборуваше за тој симбол со цел повторно да ни ја посведочи својата љубов кон нас. При првата објава на света Маргарета Марија Алакок и рече: Моето срце е распламтено со љубов кон луѓето… Исто така, на друга светица, света Катарина од Сиена ѝ зборува на јазик кој најдобро може да го разбереме: Сакам да ја запознаете тајната на моето Срце, да видите дека сакам многу повеќе отколку што можев да го покажам со своето страдање.
Некои светци тоа добро го разбрале, и во тоа доживеале посебна Исусова посветеност кон нас. Така свети Бонавентура рекол во својата молитва: „Срцето ти е рането за да можеме со помош на видливите рани да ја видиме невидливата рана на твојата љубов!“
Голем полски кардинал во времето на комунистичките прогони исто така тоа на посебен начин го разбрал и изговорил: „Обожувањето на Пресветото Срце му нуди на изморениот свет тоа што му е најпотребно: му го објавува Бог на милосрдието.“
Оваа побожност сака да ни каже дека нашиот Бог има срце и дека тоа чука за нас. Во него има место за секого од нас и само од неговото Срце може да учиме како треба да ги воспитуваме нашите срца.
Исусовци/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк