Преобраќање

(…) Знам, би требло многу во себе да променам. Чувствувам дека ваков начин на живот не е добар, не е убав, но… Секако, гледам дека односите во моето семејство не sе добри, дека атмосферата е загадена, дека владее напнатост, реагираме нервозно, но…

Би требало својот живот да го доведам во ред, да го пронајдам вистинскиот ритам, да ги усогласам нарушените односи кон материјалните и духовните потреби, да ја намалам брзината, да се ослободам од стресот не дозволувајќи секоја ситница да ми го краде времето за молитва, за Литургија, за семејна молитва, за читање на Словото Божјо, за читање на добри книги… Морам да се ослободам од зависноста од… робување…, но…!

Зошто не се менуваме ако знаеме дека имаме многу што да промениме? Зошто не одам на исповед ако знам дека имам грев, дека не сум чист и подобро се чувствувам по исповедта? Зошто не простувам ако знам дека негативните чувства кои ги носам во себе се отров и ми штетат? Зошто не правам, а зборувам дека треба?

Исус пред нас става два примера, двајца синови, да се провериме. „А како ви се чини ова? Еден човек имаше два сина; па отиде при првиот и му рече: Сине, оди денес да работиш во моето лозје! Тој одговори и рече: Несакам! Но потоа се покаја и отиде. Па како дојде и при вториот, му го рече истото. Тој одговори и рече: Ќе отидам, господаре. Но не отиде. Кој од двајцата ја исполни татковата волја? Му одговорија: првиот. Тогаш Исус им рече: Вистина ви велам, дека митниците и блудниците ќе ве испреварат во царството Божјо; вие пак , иако видовте, не се покајавте отпосле, за да му поворуваме.“ (Мт 21, 28-32) (…)

Не е лесно да се менуваат животните навики, мислења и ставови за нешто или за некому… Тоа бара понизност, отвореност на духот и подготвеност да се поднесе вистината, да се види својата вистина и вистината за другиот; тоа бара ризик и подготвеност да се направи ново, да се прими ново спознание. Промената е авантура, а ние се плашиме да ги изгубиме познатите навики, спознанија и мислења. Се плашиме да се „погледнеме себе си во очи“, да ја видиме позадината, причините на нашето однесување, своите ракции.

Некој човек седел во воз. На секоја станица ѕиркал низ прозорец, го читал местото и воздивнувал. После четири или пет станици го прашува загрижено неговиот сопатник: „Да не ви е лошо? Толку страшно воздивнувате.“ Тогаш човекот одговорил: „Всушност морам да излезам од возот. Се возам во погрешна насока. Но, овде внатре е пријатно топло.

Зар и кај нас не е слично? Зар и ние не гледаме дека во својот живот треба нешто да промениме, но не сакаме бидејќи сме навикнале? Нашето его не сака, не ја поднесува вистината. Тоа сака да живееме во лага. Можеме да го оправдуваме своето однесување, да бараме оправдувања, за својата состојба да ги обвинуваме другите и да останеме исти, но мораме да знаеме дека промената е можна.

„Човекот се моли за себе да се трансформира, а не Бог да го информира“ (Августин). Молитвата насочува на преобраќање. Пример за човек кој моли, а не се преобраќа е фарисејот во храмот. „Исправен, полн со себе, моли во храмот: „Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци или како овој митник. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што придобивам.“ (Лк 18, 11-12) Од таквиот став произлегува дека тој не треба да се менува (бидејќи е праведен), а другите мора да се менуваат (бидејќи се грешници). Горделивоста толку завладеала со фарисејот што сака и Бог да го манипулира. Бидејќи нема грев од Бог не бара прошка, туку награда за своите заслуги.

Маринко Шакота/Гласник Мира/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Размислување, Свет

За авторот