Преку видео порака Папата се обрати до младите во Аргентина
Во Буенос Аирес на 26 април е прославен Ден на локалната младина „Велигден на младите“. На средбата која траела од 13 до 20 часот во архиепископијата во Буенос Аирес се собрале повеќе илјада млади кои имале можност да пристапат на светата Тајна Помирување; имено повеќе од стотина свештеници ги исповедале младите и предводеле кратки размислувања, а во видео-порака на младите се обрати и Светиот Отец.
Драги момчиња и девојки, ве поздравувам и ви посакувам среќен Велигден! Цела недела е Велигден! Овој е голем ден што го создаде Господ – рече Папата додавајќи дека надбискупот на Буенос Аирес го замолил да биде во близина на младите, а тоа го правам со големо задоволство. На Велигден на младите, неколку минути сакам да поминам со вас – рече Папата.
Додека одев да ја снимам ова порака размислував што ќе ви кажам: „Бидете бучни!“, тоа веќе го кажав. Да не се плашите, и тоа сум го кажал; да бидете слободни и тоа веќе сум го кажал. Тогаш ми дојде на памет ликот на некои млади од Евангелието; некои кои се сретнале со Исус или за кои Исус зборува. Можеби тоа ќе ви помогне – рече Папата додавајќи:
Апостолите биле млади, но не сите. Иван бил дете. Нив ги занел Христовиот лик и тие за Исус зборувале на другите: „Го сретнавме Месијата. Го сретнавме оној за кого зборуваа пророците!“ Да се сретнеш со Исус! Разгледајте го однесувањето на апостолите: поверувале, а потоа се поколебале. Петар го негирал, Јуда го предал, другите се разбегале. А вас ве прашувам: „Кога Ти си се сретнал со Исус? Каква беше твојата средба со Него? Дали некогаш си се сретнал со Исус, или сега ќе се сретнеш! Размислувајте за тоа како го сретнале апостолите – поттикна Папата, а потоа ја спомна средбата на богатото момче со Исус.
Евангелието вели дека Исус го засакал и тогаш му рекол: Ти недостига само едно: продај сѐ и раздели го на сиромаси, па дојди и навестувај го Евангелието. Тоа момче си отишло натажено бидејќи поради Исус не сакал да остане без ништо. Си отишол со своето богатство и со својата тага. Средбата на апостолите со Исус била радосна, а за ова момче жалосна – рече Светиот Отец и се осврна на параболата за блудниот син.
Папата го нарекува блудниот син лукавец; тој сакал сам да го пишува својот живот; не сакал да ја почитува желбата на татко му, го земал својот дел и сѐ потрошил, а на крајот го доживеал тоа што никогаш не го почувствувал, бил гладен – објасни Папата.
Но, Бог е добар. Ни зборува кога ќе ја почувствуваме својата пропаст. На момчето не му кажал: „расипнику што направи?!“ Го поттикнува да размислува. Евангелието вели дека момчето дошло при себе и почнало да размислува: „Зошто ти е таков живот, расипништвото за ништо не служи?“ И одлучува да се врати дома. Бил многу изненаден, речиси се онесвестил кога сфатил дека татко му веќе со години го чека(…). Тогаш тој закоравен грешник, тој расипник на имотот на таткото, доживеал нешто што никогаш не го искусил: прегратката на милосдието – истакна Светиот Отец, а потоа наведе и пример за „умреното момче“, единец на мајка вдовица, кој го носеле на гробишта.
Во овој случај Исус се сожали над мајката, а не над момчето. Но момчето благодарение на мајката чудесно воскресна – рече Папата поставувајќи прашање: На кој припаѓаш ти? Занесен си како и апостолите во почетокот; момче кое сака да го следи Исуса, но не сака да се раздели од своето богатство; или си како блудниот син кој собрал сили да се врати дома и да ја почувствува милосрдната прегратка на таткото, или пак си мртов? Ако си мртов знај дека Мајката Црква поради тебе плаче и дека Исус може да те воскресне. Одговори ми, кој си? Самиот на себе одговори си и ќе стекнеш сила – поттикна Папата додавајќи дека девојките би можеле да му замерат затоа што зборува само за момчињата.
Жената е способна да подари живот и нежност, што ние мажите ги немаме. За вас има само еден пример: Марија, верна жена која не сфаќала што се случува но се покорувала. Таа, која трчала кај Елисавета штом дознала дека и е потребна. Таа која побегнала во туѓа земја за да го спаси својот син, која го израснала Синот Божји, придружувала и следела, која со Него страдала, била секогаш со него и му зборувала за проблемите: „Види немаат вино.“ Вие жените сте Црквата. Црквата е женски род, исто како и Марија. Црквата е вашето место, вие треба да ја обликувате Црквата, со Исус да бидете заедно, да давате нежност, придружба и да промовирате раст. Таа, Мајката на нежноста и љубезноста нека ви го покаже патот – рече Папата и на секој од младите им посака да се сретне со воскреснатиот Исус, Ви повторувам: Не плашете се! Гледајте го Исус, гледајте ја Марија и одете напред. Бог секогаш простува, а ти оди напред. Ви посакувам среќен Велигден, а вие не заборавајте да молете за мене. Исус нека ве благослови, а Дева Марија да ве чува – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.