На 27 јуни 2021 година, во парохиската црква „Свети Кирил и Методиј“ во Петралинци на празникот Сите Светии, парохот о. Ѓорге Појразов служеше свечена света Литургија по повод Прва света Причест.
Парохот о. Појразов по повод Првата света Причест во својата проповед истакна: Исус Христос во светото Причастие е присутен во вид на леб – Исусовото Пресвето Тело кое е храна за душата и вино – Исусовата пролеана и скапоцена Крв. Денес на овој голем настан секој христијанин човек треба на Бога да му ја искаже својата радост и благодарност на светата Евхаристија. Светата Евхаристија го опфаќа сето духовно богатство на Црквата. Преку светата Евхаристија директно го примаме Христос во нас. Таа ја заслужува нашата благодарност и поклонение поради нејзината светост и чистота. Таа е лек за бесмртноста и дава живот вечен. Христијанското спасение доаѓа преку светата Евхаристија. Секој христијанин треба да се запраша дали јас учествувам и дали сум дел од светата Евхаристија? Ако пак не, зошто? Сите Светии беа луѓе кои со вера разбраа дека:„Ако човечкото срце е чисто тогаш се е чисто, ако пак човечкото срце е нечисто тогаш се е нечисто“. Господ Бог не повикува се она што го правиме да го правиме свесно и со вера, совесно и со достоинство за да можеме да разбереме дека Евхаристијата е Господова вечера. Таа е заедништво помеѓу браќата и сестрите односно христијаните. Тоа заедништво најнапред го сочинува Исус со Неговите свети Апостоли. Задачата и целта на таа заедничка Господова вечера е да сите нас не ослободи од ропството на гревот. Господовата вечера – светатаЛитургија е симбол на блискоста со Бога, симбол на тајноста, на понизноста и светоста.
Пред самата Света Причест, децата Првопричесници држејќи запалена свеќа ги обновија своите Крштелни завети.
На крајот од светата Литургија Првопричесниците добија спомен од Првата Света Причест и света Бројаница, а потоа парохот Појразов му се заблагодари на Господа Бога за овој ден исто така им се заблагодари на првопричесниците и нивните родители за нивната подршка и соработка.
Свечесноста заврши во црковниот двор со заедничко дружење и агапе организирано од родителите на првопричесниците.
к.мк