Празникот на Пресветата Евхаристија свечено одбележан во скопската катедрала

Скопје, 30.05.2013 к/мк – Празникот на Пресветата Евхаристија, еден од најзначајните во црквата, во скопската катедрала се одбележа со свечена Света Миса која ја предводеше Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх. Во оваа прилика тој ги упати своите молитви и честитки до сестрите Евхаристинки кои неуморно служат и го сведочат евангелието во скопската парохија, но и низ цела Македонија. По Светата Миса следеше процесија со светата Причест околу катедралата проследена со благослов. Видлива беше радоста на најмалите членови на Црквата кои со нетрпение очекуваа да го поздрават Исус во Пресветата Евхаристија со латици од ружи. Процесијата заврши во катедралата каде во тишина и молитва верниците му се поклонија на Исус во Светата Евхаристија.

Празникот се слави првиот четврток по празникот Пресвето Тројство, а претставува спомен на востанувањето на Евхаристијата на Велики Четврток. Како празник почнува да се слави во 13 век. Имено, монахињата света Јулијана од манастирот Лиеж во Белгија имала видение на полна месечина на која забележала дамка, па така полната месечина ја толкувала како Црква, а дамката како недостаток на празник со кој ќе се чествува Пресветата Причест. Папата Урбан IV во 1264 год. ја објавува булата со која празникот на Пресветата Евхаристија се шири низ целата Црква. (Е.Абјаниќ/фото:с.Климентина;Р.Кардалев)

Категорија: Македонија

За авторот

Write a Comment

<