Во Ватикан продолжува работата на Синодата за младите. На 5 октомври е одржана четвртата општа конгрегација на која синодските оци одржаа 20 излагања во кои зборуваа за првиот дел од документот „Instrumentum laboris.“
Во Ватикан веќе трет ден е во тек работата на XV редовна Епископска синода на тема „Младите, верата и распознавањето на звањето.“ Во текот на вчерашниот ден во центарот на вниманието сѐ уште беше првиот дел од документот „Instrumentum laboris“, посветен на слушањето. Младите да не бидат само предмет, туку субјект на навестувањето на Евангелието, беше заедничката желба на учесниците.
Многумина денес зборуваат за младите, но малкумина им зборуваат на младите – говореше Павле VI, кој за неколку дена ќе биде прогласен за светец, а денес тоа го повторува на епископската синода. Темата за слушањето беше на дневниот ред и денешната конгрегација ја истакна потребата за слушење на младите во дигиталниот свет каде често се испреплетуваат информативната булимија и анорексијата на соништата, со опасноста од создавање на „инфо-прекумерна тежина“ на младите.
Меѓутоа треба да се воочи и позитивното лице на младите кои се носители на големото човечко и духовно богатство, како што се пријателството, солидарноста, волонтерството, веродостојното сведочење, барањето за доследност свртено кон цивилното општество и повикот за порадосна и евангелска Црква.
Конструктивен дијалог со возрасните
Младите бараат да ги сослуша повозрасна личност, да им посвети малку време, да ги прифати со сочувство и почитување, да не ги суди и да ги придружува во расудувањето воопшто, а и во распознавањето на звањето.
Важноста на Литургијата и на светите Тајни
Синодските оци меѓу останатото истакнаа дека е важно да се оживее светата Литургија, секојдневната молитва и светите Тајни кои се еден од начините на кој треба да се привлечат младите, да се направат активен дел во животот на Црквата, поддржувајќи го нивниот протагонизам. Во литургиските славења затоа треба да се посвети внимание на привлечната употреба на музика, како и на катехезите и на проповедите. Имено не е доволно да се паметат молитвите и формулите – е кажано на синодата – потребна е радосна и вдахнувачка проповед затоа што младите треба да разбираат со главата и да веруваат со срцето.
Изобилство на осаменост
Истовремено пастирите не смеат да се ограничуваат на чекањето на младите во парохијата. Вистински предизвик е Црквата да биде таа „која излегува“ за да дојде до младите таму каде што се наоѓаат. Многу од нив имаат бројни виртуелни пријателства, но ниту еден вистински пријател и така страдаат заради „изобилството на осаменост“, на што Црквата може да даде вистински одговор. Што се однесува пак до формацијата истакната е важноста на Социјалната наука на Црквата, и улогата на католичките училишта кои се исклучителни образовни центри, но можеби не се во состојба целосно да ги вклучат младите во црковниот живот.
Сојуз помеѓу Црквата и семејството
Многу е важен и сојузот помеѓу Црквата и семејството. Имено треба повторно да се процени вредноста на вистинскиот воспитувач на младите, најмногу во пидружбата кон зрелоста, односно семејното јадро засновано на христијанскиот брак. Тоа е првата училишна клупа и за оние кои одат во семинарија. Заради тоа денес изгледа потребно да се разгледа ликот на таткото, темелот во преносот на верата и во созревањето на идентитетот на децата. Тоа – е истакнато на синодата – треба да се спроведува во соработка, а не во натпреварување со ликот на мајката.
Прифаќање на бегалците мигрантите
Од Синодата пристигнува исто така апел за прифаќање на бегалците и мигрантите кои често се млади, а чие достоинство често се навредува. Клучниот збор е солидарноста – истакнаа епископите – за младите бегалци навистина да се чувствуваат прифатени и интегрирани. Исто така е истакната потребата од ангажирање за луѓето да не бидат принудени да се преселуваат, туку за да можат да останат во своите земји.
„Службата на слушање“
На Синодата потоа зборуваше посебен гост брат Алоис приор на Заедницата од Тезе кој ја истакна важноста на „службата на слушање“, која можеби треба да се довери на лаици. Основачот на таа заедница брат Роџер говореше: „Кога Црквата слуша, станува она што е – заедница на љубовта.“
Во излагањата на набљудувачите е истакнато пак дека младите не се само статистичка категорија, туку тие сакаат да бидат дел од решенијата на современите тешкотии. Младите ранети од системите кои ги исклучуваат, кои не ја поддржуваат еднаквоста и праведноста, треба да се сослушаат и конкретно да им се помогне затоа што би можеле да станат како сиромаси на нашето време, односно жртви на „културата на отфрлање.“
Ватикан њуз/к.мк