Поттици на папата Фрањо во 2018 година од домот Света Марта

Поттици на папата Фрањо во 2018 година од домот Света Марта

На светите Литургии служени во домот Света Марта во 2018 година, Папата одржал 89 проповеди: интезивни размислувања за живеење на автентична христијанска вера, фокусирани на живата средба со Исус и на конкретната љубов кон другите.

Кратки, живи проповеди, секогаш самостојни: тоа се утринските размислувања на папата Фрањо во капелата на домот Света Марта. Во 2018 година одржал 89. Тие се размислувања кои во центарот го имаат првото навестување или керигмата: „Исус Христос те љуби, го даде својот живот за да те спаси и сега е жив и со тебе е секој ден за да те просветли, да те зацврсти, да те ослободи“ (Evangelii gaudium, 164).

Папата Фрањо знае да употреби зборови кои го допираат срцето, со жив јазик, понекогаш остар за да ги поттикне луѓето на созревање во христијанскиот живот. Неговите проповеди во Света Марта содржат три елементи: идеја, чувство и слика, во контекст на позитивно проповедање кое секогаш нуди надеж, дури и кога тонот станува поостар. Тоа е строгоста со која Исус ги протресувал пред сè оние кои се сметале за праведници и се затворале во својата љубов, во своето спасение.

Завршниот испит е оној за љубовта

Оваа година Светиот Отец повеќе пати се осврна на актуелните настани во светот и во Црквата, но пораката која ја повторуваше беше есхатолошка, очекувањето на средбата со Исус, завршен испит на она што Папата го нарекува „протокол“ од 25. глава од Евангелието според Матеј: гладен бев и ми дадовте да јадам,; жеден бев и ме напоивте, странец бев и ме примивте; гол и ме облековте; болен бев и ме посетивте; во затвор бев и којдовте кај мене.

Христијаните се тие кои плаќаат за другите, како што прави Исус

Во октомври Папата во текот на една проповед ја коментираше параболата за добриот Самарјанец и рече дека во неа е содржано целото Евангелие. Книжникот на Исус му поставил прашање: „Кој е мој ближен?“ Господ му зборувал за човекот кој го раниле разбојници, на кој свештеникот и левитот, луѓе ценети заради богослужбата и познавањето на законот го сретнале и го заобиколиле. Тие се двајца „претставници“ на верата. Самарјанецот односно грешникот, екскомунициран застанува и презема грижа за него. Бил најгрешниот, но имал сочувство со тој ранет човек. Тој ги одложува своите планови, ги валка рацете и облеката со крв, му ги преврзува раните на човекот, ги полева со елеј и вино, го носи во гостилница и му дава на гостилничарот два динариј говорејќи: Погрижи се за него. Ако потроши повеќе, ќе ти платам кога ќе се вратам. Тоа е резимето на Евангелието – рече Папата, христијаните се отворени за Божјите изненадувања, тие знаат како да ги променат своите програми, и како Исуса, тие плаќаат за другите.

Грешници и „исправни“

Исус имал остри зборови против лицемерството на фарисеите, книжниците и садукеите, луѓе кои се сметале за најдобри, совршени познавачи на законот и ги суделе другите, ставајќи им товар. Така Папата често ги опоменува т.н. ближни кои мислат дека се во ред, но не се заинтересирани за другите, а потоа и на оние кои водат двоен живот, посебно ако се пастири. Расипани, Светиот Отец ги нарекува оние кои се сметаат за исправни и не мора постојано да се преобраќаат. Христијанинот од друга страна знае дека е грешник на кој му е потребно преобраќањето и Божјото милосрдие, и затоа е милосрден кон другите.

Евангелијето ја нарушува нашата удобност

Исус нè предупредува: Нема во царството Божјо да влезе секој кој говори: Господи, Господи, туку оној кој ја врши волјата на мојот Отец, Кој е на небесата. Така Папата нè повикува да бидеме христијани на делувањето, а не само оние кои зборуваат; христијани со конкретни гестови, а не христијани со шминка. Секако, сиромашните нè вознемируваат, го допираат нашиот џеб, болните можат да нè заразат, странците нè присилуваат да го отвориме умот и срцето за оној кој е поинаков, затвореникот нè вклучува во реалноста која не сакаме да ја допреме. Евангелието филтрирано од нашиот егоизам и нашите идеолошки шеми нè смирува, оставајќи ни чувство на удобност. Вистинското Евангелие скандализира, нè става во криза, ни нанесува непријатности, нè помрднува од „јас“ во „ти“

Внимателно поради ѓаволот

Папата Фрањо нè повикува од логиката на светот да преминеме на Божјата логика, затоа што лесно е да се живее млако и световно христијанство, а тоа и да не го забележиме. Светиот Отец поттикнува на храброст за упорна молитва која се осудува да се обрати на Господ со доверба, гледајќи го распнатиот Христос во тешките моменти. Нè повикува да останеме соединети со Исус и со браќата за да не подлегнеме на искушенијата на ѓаволот кој мами и говори лага за да нè подели, користејќи се со лицемери. Папата во своите проповеди често предупредува на сатаната, големиот тужител, чиј повик е како што вели, да го уништи Божјото дело.

Заљубени во Исус

За да не погрешиме на нашиот пат на верата клучно е да бидеме заљубени во Господ и во Него да пронајдеме вдахновение за делување. Тоа е рамнотежата помеѓу контемплацијата и службата, молитвата и работата на свети Бенедикт, бегајќи од религијата на активизмот која не знае да запре и да престојува со Исус, и од затвореноста која никогаш не преминува во конкретна служба на љубовта. Вистинската контемплација не е слатко не правење на ништо, туку застанување за да гледаме во Господ кој го допира срцето и ги вдахнува нашите дела.

Светиот Дух ни дозволува да го живееме овој живот радосно, надевајќи се на средбата со Господ. Надежта е конкретна, присутна е секој ден затоа што таа е средба. Секој пат кога Го среќаваме Исус во Евхаристијата, во молитвата, во Евангелието, во сиромашните, во животот на заедницата, секој пат правиме уште еден чекор кон таа конечна средба. Мудрост е да се ужива во малите животни средби со Исус, подготвувајќи се за конечната средба – рече папата Фрањо во една од проповедите која ја одржа во домот Света Марта.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот