По повод 50. Светски ден на мирот, папата Фрањо упати порака. Во пораката Папата посебно се осврнува на ненасилството или на политиката на ненасилство, милосрдие и вистина на која треба да се заснова меѓународната политика која има за цел мир.
„Ненасилството: стил на политика за мир“ е темата на пораката на папата Фрањо по повод 50. Светски ден на мирот кој се слави на 1 јануари 2017 година. Во пораката која е објавена на 12 декември 2016 година Папата зборува за ненасилството како стил на мировна политика и ги повикува сите во својот личен живот и однесувањето со другите да го прегрнaт ненасилството. Нека љубовта и ненасилството нѐ водат и вдахнуваат во меѓучовечките, општествените и меѓународните односи. Кога жртвите на насилството знаат да се спротивстават на искушението за освета тие стануваат најверодостојни протагонисти на ненасилното миротворство, пишува Папата изразувајќи желба ненасилството да стане карактеристичен стил на нашите одлуки, нашите односи и нашите активности, па и во политичкиот живот во сите негови облици.
Насилството, пишува Папата, кое се спроведува „во делови“ на различни начини и на различни нивоа предизвикува големи страдања за кои сме свесни: војни во различни земји и континенти; тероризам, криминал и непредвидливо вооружени напади; злоупотреби на кои се изложени мигрантите и жртвите на трговијата со луѓе; уништувањето на околината. Со која цел? Можели со насилство да се постигне било која цел со трајна вредност? Не доведува ли само до пламнување на одмаздата и до спирала на смртоносни конфликти од што корист имаат неколку „господари на војната?“
Насилството не е лек за нашиот разбиен свет, рече Светиот Отец. Да се бориш со насилство против насилството води во најдобриот случај до присилна миграција и големи страдања затоа што се огромни количините на ресурсите насочени во воени цели и скратени секојдневните потреби на младите, семејствата во тешкотии, старите луѓе, болните и на поголемиот дел од населението на нашиот свет. Во најлошиот случај тоа може да доведе до физичка и духовна смрт на многу луѓе, ако не и на сите.
Да бидеме вистински Исусови ученици денес значи исто така да го прифатиме неговото учење за ненасилство, пишува Папата и цитирајќи го својот претходник папата Бенедикт XVI истакнува дека ненасилството за христијаните не е само тактичко однесување, туку личен начин на постоење, став на оној кој така е уверен во Божјата љубов и неговата моќ да не се плаши да се соочи со злото единствено со оружјата на љубовта и вистината. Љубовта кон непријателот е сржта на „христијанската револуција.“
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк