Порака на папата Фрањо за Светскиот молитвен ден за духовни звања
Не смееме да се плашиме. На Бог му лежи на срце остварување на неговиот План со нас – пишува папата Фрањо во пораката за Светскиот молитвен ден за духовни звања, кој се одбележува на 11 мај. Во пораката потсетува дека звањето созрева на нива која е добро обработена со взаемна љубов и во рамки на искрен црковен живот.
Исус минуваше низ сите градови и села и гледајќи го оптовареното мноштво како изгубени овци, се сожали над нив. Тогаш им рече на своите ученици: „Жетвата е голема, а работници малку. Молете Го Господарот на жетвата да испрати работници во својата жетва.“ Тие зборови од Евангелието нѐ изненадуваат – пишува Папата – бидејќи и нормално е дека најпрво треба да се изора, да се сее, обработува, за да може покасно, во одредено време, обилно да се жнее. Меѓутоа Исус вели дека жетвата е голема, бидејќи Бог работеше на неа за да има таков род. Од тука, нивата сме ние, човештвото – напомнува Папата – а причина за „обилниот плод“ е Божјата милост.
Молитвата која Исус ја бара од Црквата е молитва за што поголеми такви „Божји соработници“, како што беше свети Павле – пишува Светиот Отец и додава – А тој апостол на христијаните од Коринт им вели дека се „Божја нива“ и тоа со знаење на оној кој лично искуси колку е несфатлива Божјта волја за спасение и дека поттикот на милоста е во темелот на секој повик. Светиот Отец наведува и Псалми од кои се гледа дека сме „Божја сопственост“, како и повикот на пророк Јеремија во кој Бог потсетува дека секогаш бдее над секој од нас, и каде користи слика за гранка од бадем, која прва расцветува навестувајќи го повторното пролетно раѓање на животот.
Сѐ доаѓа од Него и е Негов дар: светот, животот, смртта, сегашноста и иднината, но апостолот смирува – ‘вие сте Христови, а Христос е Божји’ – истакна Папата напоменувајќи дека припадноста кон Бог доаѓа од единствениот и личниот однос со Исус, во кој влеговме преку Крштението. Христос постојано ни се обраќа со своето Слово, за да се надеваме во Него, да го сакаме со сето свое срце, сиот свој ум и сета своја сила. Поради тоа секој повик, па и во многубројноста на патиштата, секогаш бара излегување од себе за да го концентрираме сопствениот живот на Христос – стои во пораката на Папата и додава дека поради тоа и во брачниот живот треба да се надминат начините на размислувања и однесувања кои не се во склад со Божјата волја.
Значи станува збор за „излегување“, а сите се повикани да го почитуваат Христос во срцето, како би дозволиле до нив да дојде милоста, кој е содржана во Неговото Слово, кое треба да се претвори во конкретно служење на ближниот. Не смееме да се плашиме – пишува Папата – Бог силно и вешто го следи делото на своите раце, во секоја животна доба. Никогаш не нѐ напушта! На Бог му лежи на срце остварување на неговиот План со нас и има намера да го оствари со наша согласност и наша соработка – истакнува Светиот Отец.
Обраќајки се потоа директно до оние кои сакаат да сфатат кој е нивниот повик, папата Фрањо ги поттикна со доверба да се вклучат во некои заедници, имајќи на ум дека ниту еден повик не се раѓа, и не живее само за себе. Имено, повикот созрева на нива со взаемна љубов и во рамки на искрениот црковен живот.
Потоа Светиот Отец предупреди дека може да има и пречки, и тоа надвор од нас, но и во нас самите, и сето тоа може да значи дека треба да се оди против струјата. Самиот Исус напомнува дека доброто семе од Словото Божјо често пати го зема Злиот, често го спречуваат неволји, го загушуваат грижите и световните магии. Сите тие тешкотии можат да нѐ обесхрабрат свртувајќи нѐ кон наизглед подобри патишта – забележа Светиот Отец, но истовремено потсети дека вистинската радост на повиканите е во верувањето и искуството дека Тој, Господ е верен. А со него можеме да го отвориме срцето за големи работи.
Поради тоа, Папата од епископите, свештениците, монашките и христијанските заедници и семејства бара душогрижништвото за звања да се упати во тој правец, следејќи ги младите на патот на светоста, кој бара педагогија на светост, која е во состојба да се прилагоди на ритамот на секоја личност посебно. Повикот е значи, да се подготви срцето да биде „добра земја“ за да донесеме плод. Колку повеќе ќе знаеме да се соединиме со Исус во молитвата, со Светото Писмо, Евхаристијата и светите Тајни, толку повеќе во нас ќе расте радоста за соработка со Бог. А родот ќе биде обилен, соодветен на милоста која ќе знаеме да ја примиме во себе – напомнува Светиот Отец во пораката за Светскиот молитвен ден за духовни звања.
РВ/го*ко