Порака на папата Фрањо за 5. Светски ден на сиромашните

Порака на папата Фрањо за 5. Светски ден на сиромашните

„Сиромасите секогаш ги имате со вас“ (Мк 14,7)

Сиромасите секогаш ги имате со вас» (Мк 14,7). Исус овие зборови ги изговори за време на еден ручек, во Витанија, во куќата на некој Симон наречен „лепрозен“, неколку дена пред Пасхата. Како што раскажува евангелистот, една жена влегла со алабастерен сад полн со многу скапоцено миро и го излеала врз главата на Исус. Овој гест предизвикал големо вчудовидување и пробудува две различни толкувања.

Првото толкување е огорченоста на некои од присутните, вклучувајќи ги и учениците, кои со оглед на вредноста на мирото – околу 300 денари, што е еднаква на годишната плата на еден работник – помислија дека би било подобро да се продаде и парите да се дадат на сиромасите. Според евангелието по Иван, Јуда е тој што го толкува овој став: „Зошто не се продаде ова миро за триста денари и тоа да се раздадеше на сиромаси?“ А евангелистот напоменува: „Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она што пуштаа во него“ (Јн 12,5-6). Не е случајно оваа остра критика да доаѓа од устата на предавникот: тоа е доказ дека оние кои не ги препознаваат сиромасите го предават Исусовото учење и не можат да бидат негови ученици. Во врска со тоа да се потсетиме на силните зборови на Ориген: „Се чинеше дека Јуда се грижи за сиромасите […] Ако сега сѐуште постои некој кој управува со црковната каса и, како Јуда, зборува во корист на сиромасите, но потоа го зема тоа што го стават во неа, тогаш тој го има својот дел заедно со Јуда“ (Толкување на евангелието според Матеј, 11,9).

Второто толкување го дава самиот Исус и овозможува да го сфатиме длабокото значење на гестот кој го прави жената. Тој вели: „Оставете ја неа; зошто ја буните? Таа направи добро дело кон Мене“ (Мк 14,6). Исус знае дека близу е неговата смрт и во овој гест го гледа предвременото помазание на неговото безживотно тело пред да биде положено во гробот. Оваа визија го надминува секое очекување на оние кои седеа со Него на трпезата. Исус ги потсетува дека првиот сиромав е Тој, најсиромашниот меѓу сиромашните бидејќи ги претставува сите нив заедно. И токму во име на сиромасите, на осамените, маргинилизираните и дискриминираните Божјиот Син го прифаќа гестот на таа жена. Таа, со нејзината женска чувствителност, покажува дека е единствената која ја разбира Господовата душевна состојба. Оваа анонимна жена, можеби за тоа предодредена да го претставува целиот женски универзум  низ вековите чиј глас нема да се слушне и ќе трпи насилство, го започнува значајното присуство на жените кои земаат учевство во кулминативниот момент од Христовиот живот: неговото распнување, смрт и погребение и неговото покажување како Воскреснат. Жените, кои честопати се дискриминирани и држани подалеку од одговорните позиции, во страниците на Евангелијата, напротив, тие се протагонисти во историјата на објавувањето.  Завршните Исусови зборови, кои ја поврзуваат оваа жена со големата мисија на евангелизирање се елоквентни: „Вистина ви велам: каде и да се проповеда ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа“ (Мк 14,9).

Оваа силна „емпатија“ помеѓу Исус и жената, и начинот на кој Тој го толкува своето помазание, кои се во спротивност со скандалозниот поглед на Јуда и на останатите, отвараат плоден пат за размислување околу нераскинливата врска која постои помеѓу Исус, сиромасите и навестувањето на Евангелието.

Божјето лице кое Тој го открива, всушност, е она на еден Татко кој е на страната на сиромасите и е близок до сиромасите. Целото  Исусово делување потврдува дека сиромаштвото не е плод на судбината, туку конкретен знак на неговото присуство меѓу нас. Не го наоѓаме кога и каде сакаме, но го препознаваме во животот на сиромасите, во нивните страдања и немаштија, и во понекогаш нечовечките услови во кои тие се принудени да живеат. Не се уморувам да повторувам дека сиромасите се вистинските евангелизатори затоа што тие беа првите кои беа евангелизирани и повикани да го споделуваат блаженството на Господ и Неговото Царство (спр. Мт 5,3).

Сиромасите од секоја состојба и од секоја географска ширина нѐ евангелизираат, затоа што ни дозволуваат на сѐ понов начин да ги откриеме најоригиналните црти на лицето на Отецот. „Тие можаат на многу нешта да нѐ научат. Освен што учествуваат во sensus fidei (чувството на верата) тие со сопствените страдања го познаваат Христос Кој страда. Неопходно е сите да дозволиме да бидеме евангелизирани од нив. Новата евангелизација е еден повик да ја препознаеме спасоносната моќ која е на дело во нивните животи и Црквата да ги стави во центарот на своето патување. Повикани сме во нив да го откриеме Христос, нашиот глас да им го позајмиме во нивните каузи, но исто така да им бидеме пријатели, да ги слушнеме, да ги разбереме и да ја прифатиме таинствената мудрост која Бог сака да ни ја пренесе преку нив. Нашата посветеност не се состои само во делувања или во програми за промоција и помош; она што Духот го поттикнува не е прекумерен активизам, туку пред сѐ внимателност кон другиот сметајќи го како да е ист како нас.  Ова внимание на љубовта е почеток на една вистинска грижа за неговата личност и тргнувајќи од неа навистина сакам да го барам неговото добро“ (Ап. Езорт. Евангелии гаудиум 198-199).

Исус не само што е на страната на сиромасите, туку со нив ја споделува истата судбина. Тоа е силно учење и за неговите ученици од секое време. Неговите зборови „сиромасите секогаш ги имате со вас“ исто така укажуваат и на тоа: нивното присуство помеѓу нас е постојано, но не треба да доведе до тоа да се навикнеме при што би станале рамнодушни, туку да нѐ вклучи во едно споделување на животот што нам не ни е дозволено да го префрламе на другите. Сиромасите не се „надворешни личности“ во заедницата, туку браќа и сестри со кои се споделува маката, за да им се ублажи нивната нелагодност и маргинализација, за да им се врати изгубеното достоинство и да им се обезбеди потребната социјална вклученост. Од друга страна, познато е дека еден добронамерен гест претпоставува еден добротвор и еден корисник, додека споделувањето со другите раѓа братство. Милостината е повремена; додека споделувањето е нешто што трае. Она првото ризикува да ги задоволи оние што ја извршуваат а да ги понижи оние кои ја примаат; она второто ја зајакнува солидарноста и ги воспоставува неопходните услови за да се постигне правдата. Нактарко, верниците, кога сакат лично да го видат Исус и да го допрат со рака, знаат каде да се упатат: сиромасите се Христов сакрамент, тие ја претставуваат неговата личност и упатуваат на Него.

Имаме многу примери на светци и светици кои со нивното споделување со сиромасите го направиле својот план на животот. Помеѓу другите, мислам на отец Дамјан од Веустер, светиот апостол на лепрозните. Со голема великодушност одговори на повикот да оди на островот Молокаи, кој станал гето достапно само за лепрозните, да живее и да умре со нив. Ги засука ракавите и направи сѐ, животот на овие сиромашни болни и маргинализирани, сведени до крајна деградација да им го направи вреден за живеење. Станал лекар и болничар, без да внимава на ризиците со кои се соочувал и во таа „колонија на смртта“ , како што го нарекуваа островот, ја донесе светлината на љубовта. И самиот се разболел од лепрата, знак на целосносто споделување со браќата и сестрите за кои го дал животот. Неговото сведоштво е многу актуелно и во нашите денови, обележени со пандемијата на коронавирусот: Божјата благодат секако делува во срцата на многумина кои, потајно се трошат за најсиромашните во едно конкретно споделување.

Затоа, со потполно уверување треба да го прифатиме Господовиот повик: „Покајте се и верувајте во Евангелието“ (Мк 1,15). Ова покајание на прво место се состои во тоа да го отвориме нашето срце за да ги препознаеме многубројните изрази на сиромаштијата и видливо да им го покажеме Царството Божјо преку начинот на живот кој е во согласност со верата која ја исповедаме. Сиромасите честопати се гледаат како личности кои се одвоени од нас, како една категорија која има потреба од една посебна добротворна услуга. Во тој поглед, да се следи Исус доведува до промена на менталитетот, т.е. да се прифати предизвикот на споделување и на учество. Да се стане негови ученици значи избор да не се собираат богатства на земјата, кои даваат илузија на една сигурност која во реалноста е кревка и минлива. Напротив, бара подготвеност да се ослободиме од секое ропство кое спречува да се достигне вистинската среќа и блаженство, со цел да се препознае она што е трајно кое ништо и никој нема да може да го уништи (спр. Мт 6,19-20).

Учењето Исусово дури и во овој случај оди против текот на овој свет, бидејќи го ветува она што само очите на верата можат да го видат и да го искусат со апсолутна сигурност: „Секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви заради Моето име, ќе добие стопати повеќе и ќе наследи живот вечен“ (Мт 19,29). Ако не избереме да станеме сиромаси на минливи богатства, на световната моќ  и на суетната слава, никогаш нема да можеме да го даруваме животот од љубов; ќе живееме живот во делови, полн со добри намери, но неефикасни за да го преобразиме светот. Всшунсот, станува збор за решително да се отвориме на Христовата благодат, која може да нѐ направи сведоци на неговата неограничена љубов и да ја врати веродостојноста на нашето присуство во светот.

Евангелието Христово нѐ поттикнува да посветиме особено внимание кон сиромасите и бара од нас да ги препознаеме многубројните, преголем број форми на морално и социјално растројство кои секогаш создаваат нови форми на сиромаштија. Се чини дека сѐ повеќе расте сфаќањето според кое сиромасите не само што се одговорни за нивната состојба, туку претставуваат неподнослив терет за еден економски систем кој во средина го става интересот на неколку привилегирани категории. Пазарот кој ги игнорира или ги селектира етичките принципи создава нечовечки услови кои влијаат на луѓето кои веќе живеат во веќе тешки услови. На тој начин, сведоци сме на создавање на нови замки на сиромаштијата и на исклученоста, создадени од бескрупулозни економски и финансиски чинители, лишени од чувството за човекот и од општествената одговорност.

Минатата година, на сето тоа, стигна уште една чума што дополнително го зголеми бројот на сиромасите: пандемијата. Таа продолжува да тропа на вратите на милиони луѓе и, кога со себе не носи ниту страдање ниту смрт, сепак е предвесник на сиромаштијата. Бројот на сиромасите драстично е зголемен и, за жал, ќе биде уште поголем и во наредните месеци. Некои земји трпаат многу тешки последици од пандемијата, така што најранливите луѓе се лишени и од најосновните работи за живот. Долгите редици пред народните кујни се опиплив знак за ова влошување. Еден внимателен поглед ни налага да најдеме најсоодветни решенија за борба против вирусот на светско ниво, без да мислиме на сопствените интереси. Особено, итно треба да им се дадат конкретни одговори на оние кои трпат последици од невработеноста, која драматично погоди многу татковци на семејства, жени и млади. Општествената солидарност и великодушност за кои многумина, благодарение на Бога, се покажале способни, заедно со далековидните проекти за промовирање на човекот, даваат и ќе даваат многу важен придонес во оваа ситуација.

Меѓутоа, останува отворено прашањето што воопшто не е очигледно: како е возможно да се даде еден опиплив одговор на милиони сиромашни луѓе кои честопати наидуваат не само на рамнодушност, туку предизвикуваат дури и нелагодност кај другите? По кој пат на правдата треба да се оди за да можат да се надминат социјалните нееднаквости и да се врати толку често погазеното човечко достоинство? Индивидуалистичкиот начин на живот е соучесник во создавањето на сиромаштијата и често врз сиромасите ја става целата одговорност за нивната состојба. Но сиромаштијата не е плод на судбината, туку е последица на егоизмот. Затоа, од клучно значење е да се покренат развојни процеси во кои ќе се вреднуваат способностите на сите, така што комплементарноста на вештините и различноста на улогите да доведат до откривање на заедничките ресурси на учество. Постои многу сиромаштија на „богатите“ која би можела да биде излечена од богатството на „сиромасите“, само кога тие би се сренале и би се запознале! Никој не е толку сиромав да не може да даде нешто од себе во реципроцитет: сиромасите не можат да бидат само оние кои примаат; треба да бидат ставени во состојба да можат да дават, бидејќи добро знаат како да возвратат. Колку ли примери за споделување има пред нашите очи! Сиромасите често нѐ учаат на солидарност и споделување. Вистина е, тоа се луѓе на кои им недостасува нешто, често им недостига многу, па дури и неопходното, но не им недостига сѐ, бидејќи го задржуваат достоинството на чеда Божји кое никој и ништо не може да им го одземе.

Затоа е потребен поинаков пристап кон сиромаштијата. Тоа е еден предизвик кој властите и светските институции треба да им пристапат со далекусежен општествен модел, кој може да одговори на новите форми на сиромаштвото кои се појавуваат во светот и кои на решителен начин ќе ги обележат следните децении. Ако сиромaшните се маргинализирани, како самите тие да се виновни за нивната состојба, тогаш самиот концепт за демократија е во криза и секоја социјална политика е осудена на неуспех. Со голема понизност треба да признаеме дека често сме некомпетентни кога станува збор за сиромасите. За нив се зборува апстрактно, сѐ се сведува на статистика и се размислува со некој документарен филм да се разнежнат луѓето. Сиромаштијата, напротив, би требало да го поттикне креативното планирање на проекти, кои овозможуваат да се зголеми ефективната слобода со која секоја личност би можела да се оствари во својот живот  благодарение на сопствените способности. Илузијата од која треба да се држиме далеку е онаа да мислиме дека со поседување на пари слободата е возможна и таа е сѐ поголема кај човекот. Ефективното служење на сиромасите поттикнува на делување и овозможува да се пронајдат најсоодветните форми за да се оживее и да се промовира овој дел на човештвото кој премногу често е анонимен и безгласен, но со втиснат во себе лицето на Спасителот кој бара помош.

„Сиромасите секогаш ги имате со вас“ (Мк 14,7). Тоа е повик никогаш да не се изгуби од вид понудената можност да се прави добро. Во позадина може да се види древната библиска заповед: „Ако, пак, имаш некој брат сиромав […], не го одвраќај срцето свое и не ја стискај раката своја пред твојот брат што има потреба, туку отвори ја раката своја и дај му заем, колку што му треба и колку што му недостасува“ (5 Мојс 15, 7-8.10-11) Во истиот дух и апостолот Павле ги повикува христијаните од неговите заедници да им помагаат на сиромасите од првата заедница во Ерусалим и тоа да го прават „не со жал или принуда, зашто Бог го љуби оној што од срце дава“ (2Кор 9,7). Не станува збор за олеснување на нашата совест со давање на милостина, туку пред сѐ за спротивставување на културата на рамнодушноста и на неправдата со која се поставуваме кон сиромасите.

Во тој контекст добро е да се потсетиме и на зборовите на свети Иван Златоуст: „Оној кој е дарежлив не треба да бара сметка за однесувањето, туку само да ја подобри состојбата на сиромаштијата и да ја задоволи потребата. Сиромавиот има само една одбрана: неговата сиромаштија и состојбата на потреба во која се наоѓа. Не барајте му ништо друго; па макар бил најлошиот човек на светот, а ако му недостасува потребната храна, да го ослободиме од гладта. […] Милосрдниот човек е пристаниште за оној кој е во потреба: пристаништето ги прима и ги ослободува сите бродоломци од опасност; било тие да се злосторници, добри или какви и да се што се наоѓат во опасност, пристаништето ги засолнува во својата внатрешност. Исто така и ти, затоа, кога ќе видиш на земјата некој човек кој претрпел бродолом на сиромаштвото, не судете, не барајте му сметка за неговото однесување, туку избавете го од несреќата“ (Разговори за сиромавиот Лазар, II, 5).

Од клучно значење е да се зголеми чувствителноста на луѓето за да се разберат потребите на сиромавите, кои секогаш се менуваат како и условите за живот. Денес, всушност, во економски најразвиените делови на светот луѓето помалку се подготвени отколку во минатото да се борат против сиромаштијата. Состојбата на релативната благосостојба на која се навикнале го отежнува прифаќањето на жртвувања и откажувања. Луѓето се подготвени на сѐ само да не им се одземе тоа што лесно го стекнале. Така тие паѓаат во разни форми на гнев, на внатрешни раздразнетости, на тврдења кои доведуваат до страв, на вознемиреност и во некои случаи на насилство. Тоа не е критериумот врз кој треба да се гради иднината; сепак, исто така тие се форми на сиромаштијата од кои не може да се тргне погледот. Мораме да бидеме отворени за читање на знаците на времето кои од нас бараат да ги пронајдеме новите начини  за да бидеме евангелизатори во современиот свет. Директната помош за да им се излезе во пресрет на потребите на сиромасите не смее да нѐ спречи да бидеме далековиди за да ги оствариме новите знаци на христијанската љубов и милосрдие, како одговор на новите форми на сиромаштијата кои човештвото денес ги доживува.

Се надевам дека Светскиот Ден на Сиромасите, кој го славиме по петти пат, сѐ повеќе може да се вкорени во нашите помесни Цркви и да прерасне во едно движење за евангелизирање во кое најпрво ќе се среќаваат сиромавите таму каде што се наоѓат. Не смееме да чекаме тие да ни чукнат на вратата, туку ние треба да им одиме во нивните куќи, во болниците и во домовите за стари лица, по улиците и темните ќошиња каде што понекогаш се кријат, во засолништата и прифатните центри… Важно е да разбереме како се чувствуваат, низ што поминуваат и какви желби имаат во нивните срца. Нека бидат наши потресните зборови на дон Примо Мацолари: „Би сакал да ве замолам да не ме прашувате дали постојат сиромаси, кои се и колку ги има, бидејќи се плашам дека слични прашања служаат за тоа да се одврати вниманието или претставуваат изговор да се избегне да се даде прецизен повик на совеста и срцето. […] Јас никогаш не сум ги броел сиромасите, бидејќи не можат да се избројат: сиромасите се прегрнуваат, не се бројат“ (“Adesso“ бр. 7 – 15 април 1949). Сиромасите се помеѓу нас. Колку би било тоа евангелски кога би можеле со сета вистина да кажеме: и ние сме сиромашни, бидејќи само на тој начин би можеле навистина да ги препознаеме и да ги направиме дел од нашиот живот и средство за спасение.

Рим, Свети Иван Латерански, 13 јуни 2021 година на празникот на Свети Антонио од Падова

ФРАЊО

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот