„Потребни се заеднички напори за да се вклучат лицата со попреченост и да се направат активни субјекти во општеството и Црквата“, рече папата Фрањо во пораката по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, кој се слави на 3 декември.
Темата на овогодинешниот Ден на лицата со попреченост е „Изгради подобро: Кон свет со инклузија на попреченост, пристапен и одржлив свет по пандемијата на болеста Ковид-19“.
Култура на живот, која постојано го потврдува достоинството на секоја личност, посебно за заштита на мажите и жените со попреченост, од сите возрасти и социјални статуси – е хоризонтот преку кој папата Фрањо гледа во ова време на искушение поради коронавирусот, кое како немирно море нè плаши, иако сите сме во истиот кораб. Еден е коработ но, додаде Папата во пораката, некои се мачат повеќе, а меѓу нив има и лица со тешка попреченост.
Осврнувајќи се на темата за Денот на лицата со попреченост, Папата се задржа на фразата „изгради подобро“, која потсетува на параболата од Евангелието, кое зборува за куќа изградена на карпа или песок. При тоа тој посочи дека тогашните опасностите, како што се дождот, реките, ветрот, денес е културата на отфрлање и во согласност со таквата култура, некои луѓе можат да бидат жртвувани, додека други се достојни да живеат. Личноста повеќе не се смета за главна вредност, која треба да се почитува и заштитува, посебно ако е сиромашна или со попреченост – истакна папата Фрањо.
Папата го забележува напредокот направен од граѓанските и црковните институции во изминатите 50 години, кој доведе до храбри одлуки за вклучување на лицата со телесни или ментални ограничувања. Сепак, останува уште многу да се направи, бидејќи, како што истакна, се заборава дека ранливоста е во човечкото битие. Постои отфрлање кое, исто така, заради нарцисоидниот и утилитаристички менталитет, се претвора во маргинализација, не водејќи сметка за кревкоста, која им припаѓа на сите.
Промовирање на култура на живот значи да се заснова на вклучување, рече Папата, истакнувајќи дека овој термин често се злоупотребува, објаснувајќи дека инклузијата е карпа врз која треба да се градат програми и иницијативи на граѓански институции, така што никој, а посебно оние кои се во тешкотии, не би биле исклучени.
Голем дел од пораката Папата посвети за ангажирањето на Црквата во однос на лицата со попреченост и ја истакна потребата да се подготват соодветни и достапни средства за пренесување на верата, по можност бесплатно, преку нови технологии кои се ефикасни посебно во времето на пандемијата. Затоа поттикна промовирање на редовна формација за свештениците, семинаристите, монасите, катехистите и пасторалните работници со цел да се развие кај верниците чувство за прифаќање на лицата со попреченост. Значи, не е доволно само парохија без архитектонски бариери, туку и срце на солидарност и служење.
„Активното учество“ на послабите лица е уште еден клучен израз во пораката на Папата. „Уште еднаш силно го потенцирам правото на лицата со попреченост да ги примаат Светите Тајни како и сите други членови на Црквата. Сите литургиски прослави во парохијата треба да бидат достапни така што секоја личност, заедно со браќата и сестрите, може да ја учи, да ја слави и да ја живее своја вера “, рече Папата. Лицето со попреченост треба да биде препознато како активен субјект за евангелизација, а не само нејзин примател. Тоа е напорен и тежок пат со кој сè повеќе ќе се придонесува за обликување на совеста , која ќе биде способна секое човечко битие да го препознае како единствена и неповторлива личност, се вели во пораката на Папата.
Ватикан њуз/к.мк