Повикот за семејство и умртвувањето
„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене. Зашто кој сака да ја спаси душата, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси.“ (Мк 8, 34-39).
Исус од нас бара длабок христијански живот, бара длабоко откажување од она што мислиме дека сме, откажување од нашата суета и горделивост.
Тој ни нуди божествено синовство и учествување во внатрешниот живот на Пресветата Троица. Замислете каква понуда! Но, на таа понуда постојано се спротивставува нашето сопствено јас, нашето поклонување на удобноста, парите, благосостојбата и земската сигурност. Токму заради тоа ни е потребно умртвување.
Умртвувањето е откажување од самиот себе за да дозволиме Исус да биде во нас. Исус секој ден поминува покрај нас и нè прашува: „Сакаш ли да бидеш до крај мој во повикот кој што си го избрал?“ За да му одговориме на прашањето мораме секој ден „малку да умираме“, малку да се негираме, да се откажеме од дела кои нè разделуваат од Бог.
Умртвувањето го делиме на повеќе видови. Постои пасивно умртвување. Тоа подразбира со љубов да ги принесеме на Бог сите ситуации кои ни доаѓаат неочекувано или од прилики кои не зависат од нашата волја. Тоа може да биде: топлина, студено, болест на детето, нечија дрскост.
Во активно умртвување спаѓаат: точно доаѓање на работа, искреност со колегите на работа и борба против лошото расположение. Да молиме за прошка ако некого сме навредиле, да им служиме на децата и сопружникот без мрморење и приговарање, да настојуваме сè што сме започнале и да го завршиме на најдобар можен начин.
Можеме да зборуваме и за умртвување на разумот. Ова умртвување можеме да го вежбаме со избегнување на коментирањето и немилосрдното критикување. Колку многу во нашите меѓусебни средби и разговори се коментираат туѓи постапки и мани?! Колку предрасуди и пресуди има за луѓето кои се поинакви од нас!? Колку озборување!? Зборуваме ли почесто за себе или за другите?
Умртвување на волјата ќе спроведеме ако упорно се бориме против себељубието и самопофалбата. Да се трудиме помалку да зборуваме за себе, за своите дела и успеси. Подобро нашите евентуални успеси и добри дела да ги препишеме на Бог.
Потребно ни е и умртвување на сетилата (вид, жртвување за време на ручекот…) и внатрешно умртвување. Со внатрешното умртвување ќе ги отфрлиме бескорисните мисли кои нè успоруваат на патот до светоста, а посебно на нив ќе внимаваме кога ќе ни дојдат за време на молитвата или светата Литургија. Овде можеме да вежбаме да не се враќаме на навредите и тешките ситуации кои се случиле во нашиот брак. Да не се враќаме на старите рани! Потребно е да го очистиме сеќавањето од мисли на самосожалување, освета и љубомора.
Господ ни нуди секој ден од почеток можност преку мало секојдневно умртвување му бидеме поблиски. Има многу ситуации во семејството кои можеме да ги „зграбиме“ како свои „бодови“ за небото. Да не ги пропуштиме!
Уште една работа е многу важна во умртвувањето. Важно е нашите умртвувања да се постојани, понизни, дискретни и радосни. И секако пред сè да ги правиме од љубов.
Мирта Милетиќ/Гласник Мира/к.мк