„Тато, можам да го користам твојот телефон за да играм игри?” – неодамна ме праша мојот син додека возевме низ југозападот, на прекрасен летен ден. Бев затечен од неговото прашање. Од една страна, беше прекрасен ден и во голема мера уживав во нашиот разговор. Од друга страна, зошто да не му дозволам да игра ако сака? Јас постојано го проверувам мојот е-мејл – зошто не би можел син ми постојано да игра игри, исто така?
Прашањето на мојот син е она прашање со кое секој ден се прашувани милиони родители, без разлика дали станува збор за телефон, компјутер, Wii или Xbox. Суштината на молбата е иста: “Мамо или тато, дали можам да го насочам моето внимание кон екранот?”
Родителите на постарите деца се соочуваат со слични предизвици – на пример, дали е прифатливо за нивниот тинејџер да праќа пораки додека е на трпеза, или дали е подносливо за тинејџер да ѕирка во својот лаптоп, кога некој се обидува да му се обрати. Во суштина се прашуваме, колку технологијата треба да се дозволи во нашите животи и кај нашите деца?
Малку родители целосно ќе им забранат на своите деца да комуницираат со разни уреди, денес. Сепак, од суштинско значење е да се фокусираме на свесна, а не вообичаена, употреба на модерната технологија.
- Технологијата веќе нема граници
Прво треба да признаеме дека денес времињата се многу поразлични отколку оние на претходните генерации. Порано имаше вградени ограничувања: Децата играа игри во флиперници или се врзува за домашните уреди.
Сега, с́ѐ додека некој во семејството има паметен телефон, игрите и други начини за дигитално поврзување се секогаш опција – без разлика дали се возиме, стоиме во ред во маркет или седиме на трпезата. И децата тоа го знаат. Без сомнение, тие го собираат нивниот компјутер или мобилен телефон или, како мојот син, прашуваат да го користат телефонот на родителите.
Понатаму, младите луѓе ја прифаќаат технологијата како ниедна генерација пред нив. Според извештајот на Нилсон, возрасни американски мобилни корисници испратиле во просек по 357 текстови месечно во вториот квартал на 2008 година, наспроти просечно 204 повици. Сепак, тинејџерите испраќаат или примаат во просек 3.339 текстови месечно, 8% скок од претходната година.
- Знајте кога да ги исклучите уредите
Новите технологии, од компјутерските игри до Xbox, можат да бидат одличен начин децата да научат стратегија и да развијат координација на рацете, но како родители и старатели, треба да знаеме кога е доволно, доволно. Според студијата на Универзитетот во Бристол, децата кои минуваат повеќе од два часа дневно на екран имаат 60% поголем ризик од психолошки проблеми отколку децата кои поминале помалку часа на гледање.
Колку време е соодветно? Студијата Kaiser 2009 објави дека децата на возраст од 8-18 години се инволвирани со медиуми, во просек, 7,5 часа дневно. Сепак, Американската академија за педијатрија советува децата да не поминуваат повеќе од 1-2 часа дневно пред екранот. Тоа е голема разлика.
Иако, може да се каже дека децата со премногу технолошка ангажираност би можеле да се најдат во состојба да ја забрзаат работната средина во иднина, родителите, сепак, имаат одговорност да одредат кога премногу време поминато на екран станува нездраво. Не дека екраните се лоши, само треба да се користат во умерени количини. Ако нашите деца не спортуваат, не минуваат време со пријателите, лице в лице, или имаат друга креативна стимулација, времето минато на екран најверојатно ќе биде погубно.
- Разлика помеѓу изборот и зависноста
Постои огромна разлика помеѓу зависноста и изборот. Детето може да преферира вечерта да сурфа на Интернет, едноставно затоа што тој или таа ужива во таа активност повеќе отколку да излезе со пријателите или да игра спорт. Ова лице функционира нормално без gadget или уред, но може да претпочита, време минато на уред, кога ќе му се даде шанса.
Меѓутоа, кај зависноста, лицето навидум не може да живее без нешто и доживува длабока празнина кога тоа е недостапно. Колку млади луѓе денес покажуваат знаци на зависност, наспроти едноставно тоа да е избор кога станува збор за технологијата? Навистина, 38% од анкетираните студенти укажаа дека не можат да дотраат 10 минути пред да се вклучат на некој вид електронски уред.
Се разбира, возрасните често го доживуваат истиот предизвик. Една нова студија покажа дека 53% се чувствуваат вознемирени кога им е одбиен пристап на интернет, а 40% се чувствуваат осамени кога не можат да да се поврзат на интернет, дури и за краток временски период. Едно лице што беше интервјуирано посочи дека 24-часовното искуство без уреди е “како да ми се исече раката”.
И покрај приврзаноста, впечатлива студија на младите открива дека околу 38% од они од 10 до 18 години се чувствуваат преплавени со технологија. За оние од 25 до 34-годишна возраст, тој процент е малку помал и изнесува 34%. Во суштина, колку е помала возраста, толку поврзаноста со технологијата се доживува понапнато.
Младите луѓе во нашите животи може да бидат преплавени со технологија, повеќе отколку што мислиме, можеби дури и да бараат од возрасните да им помогнат да ја дефинираат разликата помеѓу изборот и зависноста.
- Фокусирајте се на технологија која навистина ве поврзува со вашите деца
До кој степен се поврзуваме со нашите деца? Дали сме инволвирани со нив, давајќи им целосно внимание (независно дали активноста е онлајн или офлајн), или живееме во голема мера изолирани едни од други?
Неодамна бев на шопинг во маркет во Санта Круз, Калифорнија, кога една жена одеше брзо покрај мене, нејзините високи потпетици брзо тропаа по подот. Помалку изненадувачки беше тоа што таа можеше да се движи толку брзо во високи потпетици, отколку фактот дека зад неа се наоѓаше дете од околу 6 години, кое играше игра на мал компјутер.
Малото момче го држеше уредот до неговото лице, само повремено гледајќи над екранот за да се осигура дека нема да се удри во неговата мајка. Двајцата поминаа низ една патека, а потоа низ следната, а притоа детето целосно се потопуваше во неговата игра, несвесен за најголем дел од светот околу него. Иако физички беа близу еден до друг, ментално живееа во два различни света.
Од друга страна, соодветно избраната игра може исто толку лесно да ги поврзе, наместо да ги оддалечи, мајката и детето. Како родители, треба да се фокусираме на она што не обединува наспроти она што не изолира како семејство.
- Модел на рамнотежа
Во последниве години, создадов бизнис кој во голема мера го изградив преку поврзување со луѓе онлајн. Твитер и Фејсбук отворија врати за извонредна инволвираност, а следната генерација ќе има огромна корист од зголемените средства за комуникација што им се достапни. Денешните социјални медиуми создаваат начини за поврзување со истомисленици – можност што никогаш не ја имале нашите родителите.
Нема смисла родителите да не им дадат на младите пристап до неверојатните технологии на нашето време. Во исто време, децата кои не можат да поминат 10 минути без да ја проверат нивната е-пошта, претставуваат причина за загриженост. Кога децата не можат да се вклучат во одржлив разговор со еден пријател, да уживаат во прошетка во природа или едноставно да се одморат под дрво, опасностите од технологијата можат да ги надминат придобивките.
Пат пред нас треба да е еден свесен ангажман, во кој родителите им се придружуваат на децата во игрите и други средства за технолошки ангажман, додека истовремено внимаваат нивните деца да се поврзат и на други начини. Прашањето не е, дали луѓето треба да живеат поврзани или исклучени животи? Наместо тоа треба да се прашаме, како да живееме поврзани во сите аспекти од нашиот живот, без разлика дали сме онлајн, разговараме со некој член на семејството или се шетаме надвор?
Желбата за поврзување нема да исчезне. Но, начините што не поврзуваат треба да се прошират и да вклучуваат повеќе активности. На тој начин, времето поминато дигитално ќе биде само една форма од многуте.
Maшабл/к.мк/Превод: Кате М.