Патувањето на Папата во Куба и САД во 10 точки

Безбројни се коментарите со размислувања и толкувања на патувањето на папата Фрањо во Куба и САД за кое многумина веќе кажаа дека е историско. На таа посета, Светиот Отец упати пораки, но не само до Црквата во тие земји и нивните општества, туку до целиот свет. Ги резимиравме во 10 точки.

1.„Треба да се градат мостови“ Во време на се почести конфликти, Папата повикува да се градат мостови, можеби и мали, но – како што рече – еден по еден мал мост на крајот создаваат голем мост на мирот. Станува збор за способноста за обединување, за воспоставување на општествено пријателство кое општото добро го гради и во различностите.

Да го понудиме богатството на Евангелието понизно избегнувајќи остар и борбен говор на поделба бидејќи – според зборовите на Папата – само трајниот занес на добрината и љубовта навистина се уверливи. Да мислиме секогаш на тоа дека другиот човек е наш брат до кој треба да дојдеме и да го искупиме. Конкретни дела на тоа „градење мостови“ е проближувањето на САД и Куба и најавените мировни договори во Колумбија, по пола вековниот конфликт благодарение исто така на папата Фрањо.

2.„Да не се затвораме во идеолошки и религиски групи“ Потребни се отворени срца, отворени умови – поттикна Папата. Треба да се прими и прифати оној кој мисли поинаку. Кога некоја религија ќе стане здржение во кое јас сум добриот, а ти лошиот, го губи она најдоброто што го поседува, а тоа е способноста за обожавање на Бог и за верата во Него. Тоа е искушение на површен редукционизам кој гледа само добро и зло, а светот го дели на праведници и на грешници. Верата е отвореност – истакна Папата – таа е далеку од секој вид на елитизам, не само за малку привелигирани кои се способни да дојдат до одлични нивоа на духовност. Верата се нуди на сите.

3.„Кој служи на најмалите Му служи на Исус на највозвишен начин“ Тоа е Исусовата логика на љубовта која ја потресува нашата логика. Љубовта е служење на најслабите, а тоа – како што истакна папата Фрањо – никогаш не е идолошко, бидејќи не служи на идеите, туку на луѓето. Треба да се чуваме од примамливите планови кои не ги интересира лицето на ближниот. Да сакаш значи да ги милуваш оние кои светот ги отфрлил како абортираните деца, болните и сиромашните. Кога ќе се ставиме во служба на оној кој за светот е „сувишен“ бидејќи не донесува заработка и не произведува ништо конструктивно, токму во тој мал човек блеска Исус – рече Папата.

4.„Нашата револуција поминува низ нежноста“ Папата нè повикува да веруваме во револуционерната сила на нежноста, сочувството. Тоа не е пиетизам – истакна папата Фрањо – Тоа значи да го донесеш Исусовото милосрдие таму каде што е гревот, каде што е неуспехот. Средба со милосрдниот Исусов поглед го менува животот, дава нов живот. Во таа смисла на свештениците им рече да не се изморуваат да простуваат. Немојте да се сокривате зад стравовите или крутоста – рече и цитира зборови од свети Амброзиј: „Каде што е милосрдието таму е Исусовиот дух. Каде што е крутоста таму се само неговите службеници.“ Во таа смисла многу трогателни беа средбите на Папата во САД со жртвите на злоупотреба и затворениците.

5.„Приврзаноста на богатството нè лишува од единственото богатство кое вреди“ Треба мудро да управуваме со парите, но приврзаноста на богатствата на светот ги осиромашува, уништува и највеликодушните души правејќи ги просечни, без љубов. Духот на сиромаштво раѓа доверба во Бог. Кога некоја конгрегација ќе се врзе за богатството, Бог и испраќа катастрофален економист кој ја испраќа во пропаст. Катастрофалните економисти се најдобар Божји благослов за неговата Црква бидејќи ја прават слободна, сиромашна – истакна Светиот Отец.

6.„Црква која излегува од своите храмови“ Божјото присуство во нашиот живот никогаш нè не остава мирни, секогаш нè поттикнува да бидеме во движење, нè изведува од дома за да ја споделиме со другите примената радост. Тоа е Црква која излегува од својата сакристија за да го придружува животот, да ја поддржува надежта, да ги следи сите „непријатни“ состојби на нашите луѓе и тоа не со проповедање на доктрини, туку со радосно навестување на Христос, кој умре и воскресна за нас – рече Папата и истакна дека светиот Божји народ не се плаши од грешките; се плаши од затворање, кристализирање во елита, приврзаност на сопствените сигурности.

Одете! Навестувајте! Радоста на Евангелието може да се почувствува, да се запознае да се живее само во дарувањето на таа радост, во дарувањето на себе – поттикна Светиот Отец предупредувајќи дека треба да се даде повеќе простор на младите и жените. Иднината на Црквата – според зборовите на Папата – уште сега бара многу активно учество на лаиците.

7.„Надежта дава живот“ Во време на криза папата Фрањо повторно го истакнува зборот „надеж“. Тоа не е оптимизам кое е душевно расположени. Надежта знае да трпи за да оствари некој план, знае да се жртвува – истакна Папата. Се надева оној кој знае да даде живот. Се надева оној кој знае да сонува големи работи. Затоа папата Фрањо поттикна: „Сонувајте дека светот со тебе може да биде поинаков“. Вистинската надеж се темели на Исусовото ветување кое никогаш не разочарува.

8.„Треба да го чуваме сопствениот идентитет за да не паднеме во некое „површно барање на единство“ Тежнењето кон глобализацијата е добро, но постои лоша глобализација која сака сите луѓе да ги направи еднакви, свесно настојувајќи да постигне еднодимензионална изедначеност која сака да ги отстрани сите разлики и традиции. Меѓутоа постои добра глобализација која обединува задржувајќи го во здрав плурализам сечиј идентитет: таа го поддржува развојот на народите и дава достоинство на сите луѓе – истакна Папата.

9.„Слободата и праведноста одат заедно“ И тие се два поими кои Светиот Отец повеќе пати ги повтори во Куба и во САД. Некоја нација може да се смета за голема кога ја брани слободата, кога промовира полни права за сите луѓе, кога се бори за праведност и во корист на угнетуваните и кога шири мир – рече Светиот Отец и за сите луѓе посака дом, работа и земја како и верска слобода и слобода на совеста, право на живот во секој период од неговиот развој, укинување на смртната казна и заштита на околината. Што се однесува пак до предизвикот на големиот број бегалци, Папата потсети на златното евангелско правило: „Прави го на другите тоа што сакаш на тебе да ти го прават.“ Освен тоа поттикна да се прекинат прогоните на етничките и верските малцинства и трговијата со оружје.

10. Да го заштитуваме семејството, бидејќи со него во игра е и нашата иднина“ е поттик на папата Фрањо пред почетокот на Синодата. Семејството нè чува од две актуелни појави: поделби и ширење. Во двата случаи луѓето се претвораат во издвоени поединци со кои е лесно да се манипулира и да се владее: стануваат едноставни потрошувачи во светот кој станува голема трговија. Нашите разделени, омасовени општества се последица за прекин на семејните врски – истакна Папата.

Светиот Отец предупреди и на обидите за идеолошка колонизација по пат на наметнување на неправилни примери и стилови на живот кои не се одговорни и туѓи за идентитетот на народот. Освен тоа повторно го истакна главното правило за родителите за воспитувањето на децата, а што се однесува до заштитата на околината истакна дека таа опфаќа и признавање на моралниот закон запишан во самата човечка природа, а тоа подразбира секако разликување помеѓу мажот и жената и апосолутно почитување на животот во сите негови периоди и димензии.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк.
Категорија: Ватикан

За авторот