Патронен празник на Радио Ватикан: По дигиталните патишта на светот

„Тргнете по дигиталните патишта на современиот свет и како ангелите навестувајте ја Божјата порака за спасение“. Тоа беше пораката на кардиналот Лоренцо Балдисери, генерален секретар на Синодот на епископи, до вработените и уредниците на Радио Ватикан по повод патронниот празник на ватиканскиот медиум Свети Архангел Гаврил. Кардиналот Балдисери отслужи свечена литургија во капелата на радиото, нагласувајќи дека социјалните комуникации се „добро од огромно значење за Црквата“, што треба да се чува и промовира.

„Вашата работа бара подготовка, чувствителност и искуство, како и во другите професии, но содржи едно посебно внимание кон вистината, доброто и убавината – истакна во проповедта кардиналот. Бидејќи Црквата постои токму затоа: да ја пренесува вистината, доброто и убавината. Во вашата работа не треба да се истакнете себеси, туку оваа фундаментална тријада“.

Кардиналот Балдисери му се заблагодари на Радиото на Папата за неговата служба кон Црквата и општеството, охрабрувајќи кон „нови начини, нови јазици, нови технологии и нов начин на размислување во контекст на новата култура“: „Можноста за комуникација на нов начин е добро за целото човештво и затоа тоа треба да биде чувано и поттикнувано – посочи ватиканскиот претставник. Но што се посилни средствата за комуникација, толку посилна треба да биде свеста на комуникаторот и примачот“.

Традиционално беа доделени признанија на вработените, меѓу наградените оваа година беа сестра Лидија Короткова од Украинската програма, Силвонеј Протц од Бразилската програма и Џузепе Фантучи од центарот за емитување Санта Марија ди Галерија.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот