Латинскиот патријарх на Ерусалим, кардиналот Пјербатиста Пизабала, во вторник, 24 октомври, објави пасторално писмо до верниците на неговата бискупија, во кое се осудуваат делата на насилство и повикува на праведен и траен мир во Светата Земја.
Во своето пасторално писмо објавено во вторник, 24 октомври, латинскиот патријарх на Ерусалим, кардиналот Пјербатиста Пизабала, им се обраќа на католичките верници од неговата бискупија за тешкиот и мачен период низ кој минуваат. По избувнување на војната на 7 октомври по нападот на Хамас врз Израел, папата Фрањо повика вторник, 17 октомври да биде посветен на Ден на молитва, пост и покора.
Патријархот Пизабала изрази благодарност за иницијативата на Папата и молитвите на луѓето ширум светот и ги повика сите да ги обноват своите молитви за мир во петок, 27 октомври. Ова е можеби најважното нешто што ние христијаните можеме да го направиме во овој момент: молете се, покајте се, да посредуваме. За тоа му благодариме на Светиот Отец од сѐ срце, истакна кардиналот.
Осуда на воените злосторства
Латинскиот патријарх на Ерусалим ги охрабрува верниците да ја прифатат пораката за надеж која го исполнува Евангелието. Христијаните, рече тој, мора секогаш да тргнуваат од Евангелието, особено во време на криза, соединувајќи ги своите чувства со чувствата на Исус. Во исто време, додаде тој, христијаните мора да продолжат да зборуваат, осудуваат, прозиваат, како и да утешуваат и охрабруваат.
Недвосмислено го осуди злосторството што се случи на 7 октомври, велејќи дека употребата на насилство не е споиво со Евангелието и дека никогаш не носи мир.
Континуираното силно бомбардирање што со денови го погодува Појасот Газа само ќе предизвика повеќе смрт и уништување и ќе ја зголеми омразата и незадоволството, рече тој. Ова нема да реши никакви проблеми, ќе создаде нови. Време е да се запре оваа војна, ова бесмислено насилство.
Патријархот Пизабала повика на крај на децениската окупација и потреба од јасна и сигурна национална перспектива за палестинскиот народ – како што рече – што е единствениот начин да се започне сериозен мировен процес. Тоа им го должиме на многуте жртви во овие денови и изминатите години, рече тој. Немаме право да им ја препуштиме оваа задача на други.
Мирот Христов пред лицето на злото
Патријархот го насочи својот поглед кон Христос, за да понуди перспектива на надеж за христијаните од Светата Земја, преземена од Евангелието по Иван.
„Ова ви го реков, за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.“
Срцата на христијаните, додаде тој, се исполнети со мир, бидејќи Исус го победи злото на Крстот, ниту со оружје, ниту со политичка моќ, ниту со големи средства, ниту со наметнување. Токму во тоа ја полагаме нашата вера денес, рече тој. Исус со право зборува за храброст. Таквиот мир, таквата љубов бара голема храброст.
Патријархот посочи дека христијанската љубов и мир бараат да не дозволиме омразата, одмаздата, гневот и болката да ни ги исполнат срцата и делата. Напротив, повикани сме лично да застанеме во одбрана на правдата и да ја осудиме болната вистина за неправдата и злото што не опкружува.
Тага за жртвите и молитви за мир
Како заклучок, патријархот Пизабала ги повика христијаните да останат обединети едни со други, дури и кога не се согласуваме. Тој се помоли и за невините жртви од војната, а се сеќава и на 18-те лица кои загинаа во неодамнешниот напад на Грчката православна црква Свети Порфириј во Газа.
Повикувајќи ги христијаните во Светата Земја да го прослават празникот на Царицата на Палестина на 25 октомври, патријархот Пизабала изрази надеж дека целата бискупија тој ден ќе биде обединета во молитва и солидарност за мир, не за овоземски мир, туку за мирот, кој Христос ни го дава.
Ватикан њуз/к.мк