Во телефонски разговор со Апостолскиот викар од Истанбул, вселенскиот цариградски патријарх Вартоломеј ја изрази својата близина со католиците во Турција погодени од нападот на црквата Света Марија Драперис во Истанбул.
Вселенскиот цариградски патријарх Вартоломеј, упати непоколеблива поддршка на католичката заедница во Турција, по нападот врз црквата Света Марија Драперис во Истанбул, во кој беше убиен 52-годишен маж.
По добивањето на веста, Патријархот стапил во контакт со Апостолскиот викар на Истанбул, бискупот Масимилијано Палинуро и изразил сочувство до ужаленото семејство на жртвата и во негово и во име на Патријаршијата.
ИСИС ја презеде одговорноста за нападот
Најмалку 47 осомничени се уапсени во врска со нападот извршен од двајца маскирани вооружени лица за време на неделната света Литургија. Двајца од уапсените осомничени се претпоставува дека се поврзани со таканаречената Исламска држава, која наводно ја презела одговорноста за нападот во неделата.
Тоа ќе биде прв терористички напад на групата во Турција по нападот во ноќниот клуб Реина во Истанбул за Нова година, на 31 декември 2017 година, во кој животот го загубија 39 лица.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во видео објавено на социјалните мрежи изјави дека сите безбедносни сили и ресурси се мобилизирани низ целата земја.
За време на телефонскиот разговор со Апостолскиот викар на Истанбул, бискупот Масимилијано Палинуро, патријархот Вартоломеј изрази уверување во посветеноста на властите за темелно испитување на инцидентот и ја истакна потребата да се спречи стравот, кој има за цела да го наруши мирниот соживот на верските заедници во Турција.
Папата Фрањо го спомна нападот за време на неделната молитва Ангел Господов на плоштадот Свети Петар. „Ја изразувам мојата близинат со заедницата во Истанбул, која за време на светата Литургија претрпе вооружен напад со еден загинат и неколку ранети“, рече во таа прилика Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк