Генерална аудиенција: Вистинската утеха потврдува дека ја вршиме Божјата волја

Генерална аудиенција: Вистинската утеха потврдува дека ја вршиме Божјата волја

Во десеттата катехеза за расудувањето, одржана на Генералната аудиенција, Папата истакна дека вистинската утеха е еден вид потврда дека одиме по Божјите патишта, односно патиштата на животот, радоста и мирот. Зборувајќи за дејството на злиот дух, Светиот Отец потсети дека стилот на непријателот, односно ѓаволот е да се претставува на подмолен, прикриен начин.

Како да се препознае вистинската утеха? Ова е многу важно прашање, за да не дозволиме да бидеме заведени во потрагата по нашето вистинско добро, ова мисла беше во центарот на размислувањето на папата Фрањо на Генералната аудиенција одржана во среда 30 ноември 2022 година на плоштадот Свети Петар. Во овој литургиски период на Адвент, продолжувајќи со серијата катехези за расудувањето, а посебно за духовното искуство наречено утеха, Папата поттикна на размислување за тоа како да се разликува добриот дух од злиот. Испитувањето на совеста е клучот за да не дозволиме злото да ни ги загади мислите – објасни Папата и додаде: Треба да научиме да ја читаме книгата на нашето срце.

Се е добро ако е насочено кон добро

Има вистинска утеха, но постојат и утехи кои не се вистинити. Затоа е важно добро да се разбере патот на утехата – објасни папата Фрањо. Во потрагата по вистинското добро, некои одредници можат да се најдат во Духовните вежби на свети Игнатиј Лојолски: „Треба да обрнеме големо внимание на редоследот на мислите; па ако почетокот и средината и крајот се добри во сè, склони се кон секое добро или кон она што е добро во сè: тоа е знак на добрите ангели. Но, ако мислите што ни доаѓаат завршуваат со нешто што е зло, или што ја одвлекува душата… тоа е јасен знак дека тоа доаѓа од злиот дух“ (бр. 333). Но, што значи почетокот да е насочен кон добро? – праша римскиот бискуп.

На пример, ми доаѓа помислата да се молам, и забележувам дека е придружена со љубов кон Господ и ближниот, повикува да се прават дела на великодушност, љубов: тоа е добар почеток. Меѓутоа, може да се случи оваа мисла да ми дојде за да избегнам некоја работа или служба што ми е доверена: секогаш кога треба да ги мијам садовите или да ја исчистам куќата, чувствувам голема желба да се молам! Тоа се случува во манастирите. Меѓутоа, молитвата не е бегство од нечии задачи; напротив, тоа е помош во постигнувањето на доброто што сме повикани да го направиме овде и сега.

Злиот дух

По почетокот, постои средина, односно она што ја следи мислата. Треба да се избегне срцето да го нагризува злиот дух – објасни Папата. Утеха не значи да молиме за да се чувствуваме како паун пред Бога.

Задржувајќи се на претходниот пример, ако почнам да се молам и, како што тоа го прави фарисејот во параболата (сп. Лука 18,9-14), склон сум да изразам задоволство за себе и да ги презирам другите, можеби со гнев и злоба во мојата душа, тогаш тоа се знаци дека лошиот дух ја употребил таа мисла како клуч кој ја отвора вратата на моето срцето и ми ги пренесува неговите чувства.

Злото се прикрадува

Последно доаѓа крајот. За да не дозволиме злото да се појави на подмолен начин, важно е да се запрашаме каде води таа мисла, дали се стреми кон Бога или кон нашето его. На пример – истакна Папата – може да се случи да се посветам на некоја убава и вредна работа, но тоа ме тера да престанам да молам, откривам дека сум сѐ поагресивен и полош, мислам дека сè зависи од мене, дури и до таму да ја изгубам дури и довербата во Бога. Овде очигледно е вклучено дејството на злиот дух.

Стилот на непријателот – кога зборуваме за непријателот, зборуваме за ѓаволот, бидејќи демонот постои – неговиот стил, знаеме, е да се појави на подол, прикриен начин. Започнува од она што ни е најмило, а потоа, малку по малку, нè привлекува кон себе; злото влегува тајно, без човек да забележи. Со тек на времето, благоста станува грубост; мислата се покажува онаква каква што навистина е.

Испитување на совеста и потрага по вистинско добро

За да ја затвориме влезната врата на нашето срце против злиот дух, важно е трпеливо, но пред сѐ неопходно е да го испитаме изворот и вистината на нашите сопствени мисли. Тоа е повик да учиме од искуствата, од она што ни се случува, за да не продолжиме да ги повторуваме истите грешки.

Колку подобро се познаваме, толку повеќе забележуваме од каде влегува злиот дух, неговите „лозинки“, вратата низ која влегува во нашето срце, кои се точките на кои сме најчувствителни, за да им посветиме подобро внимание во иднината. Секој од нас има почувствителни точки, послаби точки на нашата личност; оттаму навлегува злиот дух и нè води на погрешен пат, или нè оддалечува од вистинскиот правилен пат.

Затоа секојдневното испитување на совеста е многу важно – истакна Папата – тоа е драгоцен напор да се погледне повторно на она што сме го преживеале, од посебна гледна точка. Важно е да бидеме свесни за тоа што ни се случува; тоа е знак дека Божјата благодат делува во нас, помагајќи ни да растеме во слобода и свесност.

Вистинска утеха

Затоа Светиот Отец ги поттикна верниците на крајот од денот да се запрашаат: Што се случи? Не во весниците, туку во моето срце? Дали моето срце беше внимателно? Дали порасна? Во последниот дел од катехезата повторно одекна првичното прашање: Како да се препознае вистинската утеха?

Вистинската утеха е еден вид потврда на фактот дека го правиме она што Бог сака да го правиме, дека ги следиме неговите патишта, односно патиштата на животот, радоста и мирот. Расудувањето, имено, не се однесува само на доброто или на најголемото можно добро, туку на она што е добро за мене овде и сега; во ова сум повикан да растам, поставувајќи граници на други предлози, привлечни, но нереални, за да не дозволам да бидам измамен во потрагата по вистинското добро.

На крајот Светиот Отец ги поттикна сите да продолжат да се трудат да разберат што се случува во нивните срца. За ова е потребно испитување на совеста, за да се најдат корените на нашите грешки. Треба да научите да читате од книгата на вашето срце што се случило во текот на денот.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот