Молитвена накана на епископот Стојанов за месец јуни 2026 година

Молитвена накана на епископот Стојанов за месец јуни 2026 година

Молитвената накана на епископот Стојанов за месец јуни е посветена за подобрување на демографската состојба во Македонија, за обнова на семејниот живот, за зачувување на светоста на бракот и за прифаќање на животот како Божји дар.

Неодамна повторно беа објавени загрижувачки статистички податоци за демографската состојба во нашата татковина Македонија. Тие бројки укажуваат на сериозна состојба во нашето општество и откриваат голема духовна криза која го погодува семејството, бракот и односот кон дарот на животот.

Затоа ве повикувам во месец јуни да молиме за подобрување на демографската состојба во Македонија, особено пред предизвиците на намалениот број раѓања, сè помалиот број склучени бракови и сè поголемиот број разводи. Овие појави се меѓусебно поврзани и нè повикуваат на молитва и преобраќање.

Да молиме Господ да ја разбуди во нашиот народ свеста дека животот е свет дар од Бога. Светото Писмо нè потсетува дека Бог го создаде човекот според Својот образ (1 Мојсеева 1,27) и му го довери благословот: „Плодете се и множете се“ (1 Мојсеева 1,28). Секое дете е дар и благослов, а семејството е место каде Божјата љубов станува видлива.

Христос вели: „Она што Бог го соединил, човек да не разделува“ (Матеј 19,6). За нас, христијаните, бракот е многу повеќе од формалност или граѓански договор, зашто според учењето на Црквата, тој е завет на љубов, верност, жртва и отвореност кон животот. Затоа Црквата со право го нарекува семејството домашна Црква, место во кое се раѓа, воспитува и пренесува верата.

Законските мерки што се пријателски кон семејството се потребни, но сржта на обновата започнува од преобраќањето на срцето.

Господ нека им даде на младите храброст да не се плашат од бракот и родителството; на сопружниците верност; на семејствата во криза сила за простување и нов почеток; а на оние кои копнеат по деца, надеж и доверба во Неговата промисла.

Пресвета Богородице, Мајко на животот и Мајко на семејствата, застапувај се за нашите семејства и за нашата татковина. Амин.

Категорија: Вести, Македонија

За авторот