Патер Ломбарди го претстави патувањето на Папата во Албанија
Откако кардинал Пиетро Паролин потврди дека Папата не се плаши за својот живот и не е загрижен за посетата во Албанија на 21 септември и дека ништо не се менува околу планираното апостолско патување, о. Федерико Ломбарди, директор на Канцеларијата за печат при Светиот Престол, на конференцијата за печат одржана на 15 септември ги претстави деталите околу посетата. Станува збор за еднодневна посета, инаку четврто по ред меѓунардно патување на папата Фрањо, како и за неговата прва посета во некоја европска земја, надвор од Италија.
На овој начин Папата сака да даде почит на бројните маченици на верата во Албанија, кои настрадаа во страшните прогонства на атеистичкиот комунизам. Светиот Отец исто така сака да го охрабри меѓурелигискиот дијалог, кој во Албанија, земја со мнозинско муслиманско население, но и со голем број католици и православни, се одвива во позитивен правец, со мирно и љубезно опкружување и може да биде пример и порака за останатите земји во светот. Последното папско патување во Албанија, за потсетување, е она на свети Иван Павле II во 1993 година, кога ја обнови црковната хиерархија, ракоположувајќи четири нови епископи.
РВ/го*ко