Во својата проповед за време на „деветницата“ за папата Фрањо на вториот ден, кардинал Паролин потсети дека самиот Папа му повторил на светот дека „мирот никогаш не е можен ако не научиме да си простуваме еден на друг“. Ги охрабри бројните млади присутни на плоштадот Свети Петар да гледаат на Исус како вистинска надеж
Во недела, 27 април 2025 година, на плоштадот Свети Петар се собраа околу 200.000 верници и млади кои дојдоа во Рим на Јубилејот на млади. Во Втората недела на Велигден, празникот на Божјото милосрдие, како и на вториот ден од „деветницата“, кардинал Пјетро Паролин служеше света Литургија за папата Фрањо. Во својата проповед, тој се фокусираше на темата за милосрдието како една од најважните карактеристики на учењето на Папата, од каде се вдахновуваше за „неговата интензивна апостолска активност, заедно со ревната желба да ја навести и сподели со сите, што беше програма на неговиот понтификат“. Милосрдието, како што повеќе пати нагласи Папата, „е самото име на Бога и никој не може да ја ограничи неговата милосрдна љубов со која сака да не издигне и да не направи нови луѓе“. Затоа, кардиналот ги охрабри присутните да не ја доживуваат љубовта кон папата Фрањо само како моментално чувство, туку да го прифатат и да го живеат неговото наследство, отворајќи се себеси за Божјото милосрдие и да бидеме милосрдни еден кон друг.
Нема мир без милост
Потоа, кардиналот објасни дека Исусовата црква е составена од ученици кои стануваат „инструменти на милосрдие за човештвото, за оние кои сакаат да ја прифатат Божјата љубов и простување. Папата Фрањо, додаде кардиналот, „беше светол сведок на Црквата која се нежност се наведнува кон оние кои се ранети и ги лекува со мелемот на милосрдието; исто така нас нé потсети дека мирот не е возможен без прифаќање на другите, без грижа за оние кои се послаби и пред сè, без меѓусебно простување со истото милосрдие, кое Бог го има за нашите животи“.
Новиот свет се раѓа со простување
Досегашниот државен секретар на Светиот Престол истакна дека милосрдието е центар на верата, кое нé повикува да не го засноваме нашиот однос со Бог на човечки или световни категории, на калкулации и себичност, „затоа што радосната вест на Евангелието е, пред сè, сознание дека сме сакани од Бог кој е полн со милосрдие и нежност кон секој од нас, без оглед на нашите заслуги“. Затоа, тој ги повика присутните да ги живеат односите со другите во духот на дијалог, прифаќање и простување на нивните слабости и грешки. „Само милосрдието може да излечи и да создаде нов свет, гасејќи го огнот на недовербата, омразата и насилството: ова е големото учење на папата Фрањо“, рече кардинал Паролин.
Тага поради смртта на Папата
Осврнувајќи се на денешниот евангелски пасус во кој Воскреснатиот Христос им се јавува на учениците кои се затворени поради страв, тага и збунетост по неговата смрт, кардиналот истакна дека истите тие чувства се добар одраз на духовната состојба на Црквата и на целиот свет по смртта на папата Фрањо: „Болката за неговата смрт, чувството на тага што нè опфаќа, немирот кој го чувствуваме во нашите срца, чувството на збунетост: сето тоа го доживуваме како апостолите кои тагуваат за Исусовата смрт.“
Воскресна радост на лицата на младите
Сепак, кардиналот објасни дека токму во таквите моменти на темнина Господ доаѓа кај нас со светлината на Воскресението, за да ги осветли нашите срца, а на тоа нè потсети папата Фрањо, „ставајќи ја во центарот на својот понтификат таа радост на Евангелието што го исполнува срцето и целиот живот на оние кои се среќаваат со Исус: тие се ослободени од гревот, тагата, внатрешната празнина и осаменоста.“
Кардинал Паролин ја виде таа воскресна радост и надеж на лицата на младите и кои дојдоа од целиот свет да го прослават својот јубилеј. Ги потсети на предизвиците на денешницата, како што се новите технологии и вештачката интелигенција, барајќи од нив да не заборават да ги исполнат своите животи со вистинска надеж која го има лицето на самиот Воскреснат Господ, жив и присутен во неговата Црква. „Ништо нема да биде премногу тешко или премногу предизвикувачко со него! Со него никогаш нема да бидете сами или оставени на себе, дури и во најтешките моменти! Тој ве запозна таму каде што сте, за да ви даде храброст да живеете, да ги споделите вашите искуства, мисли, таленти, соништа, како би можеле во лицата на оние кои се блиски или далечни да видат брат или сестра кои треба да се сакаат, на кои можете многу да им дадете, но и од кои можете многу да примите; да ви помогнат да бидете дарежливи, верни и одговорни во животот што ве очекува; „да ви помогнат да сфатите што е највредно во животот: љубовта која верува во сè и се надева на сè“, рече кардиналот, обраќајќи им се на младите.
Прегратката на Папата
На крајот од својата проповед, кардинал Паролин ги спомена и им се заблагодари на вработените и верниците во градот Ватикан за љубовта што ја имаат кон Светиот Отец и за службата што ја вршат секојдневно: „Вам, на сите нас, на целиот свет, папата Фрањо ја упатува својата прегратка од небото“. Потоа тој сите ги препорача на застапништвото, заштитата и водството на Пресвета Богородица, на која покојниот Папа и беше многу посветен.
Ватикан њуз/к.мк