Папата ќе ја посети Куба
Ватиканскиот портпарол отец Федерико Ломбарди во изјава потврди дека папата Фрањо ќе ја посети Куба, како дел од Апостолската посета на САД. „Папата доби и ја прифати поканата од страна на цивилните власти и кубанските епископи и одлучи да ја посети Куба пред неговата посета во САД, која беше однапред објавена”, изјави отец Ломбарди. Конечната програма ќе биде дополнително објавена, но се очекува таа да биде „значително проширена од првичната”, додаде ватиканскиот портпарол.
Посетата на папата Фрањо во САД е по повод неговото учество на Светската средба на семејствата во Филаделфија од 22 до 27 септември. Посетата на Папата Фрањо на САД предвидува посета на Вашингтон, каде што на 24 септември ќе го прогласи за светец апостолот на Калифорнија Хуниперо Сера, фрањевски мисионер со шпанско потекло, роден во Мајорка, кој во 18 век формира бројни католички мисии во тогашната покраина Горна Калифорнија, а кој беше прогласен за блажен од Папата Иван Павле II на 25 септември 1988 година. Во Вашингтон Папата ќе го посети Конгресот и ќе се состане со американскиот претседател Барак Обама, а на 25 септември ќе го посети главното седиште на ОН во Њујорк.
РВ/го*ко