На 1 октомври 2017 година папа Фрањо ќе се упати на пасторална посета во Болоња, каде ќе пристигне наутро,по кратокиот престој во градот Чезена. Повеќечасовната посета на главниот град на Емилија-Ромања во Италија ќе биде исполнета со бројни средби и богослужби.
Папата Фрањо „многу слушал за Болоња и верувам дека зборовите кои ќе ни упати и бројните средби кои ќе се одржат во нашиот град ќе помогнат и на нас уште повеќе да ја сфатиме историјата, можностите и наследството што го имаме”. Ова го изјави монс. Матео Зупи, архиепископ на Болоња, говорејќи за очекувањата од посетата на Папата.
На олтарот, каде што ќе биде служена завршната Литургија ќе бидат прикажани портите на градот, симбол на гостопримството на италијанската област. Во центарот ќе бидат поставени зборовите на кардинал Џакомо Леркаро, архиепископ на градот за време на Вториот ватикански собор: „Ако го делиме небесниот леб, како да не го делиме земниот леб?”, повикувајќи се на христијанското милосрдие и бискупскиот евхаристиски конгрес кој ќе го затвори Папата.
Токму ова се темите кои ќе ги карактеризираат шесте средби во текот на денот, предвидени во програмата за посетата. Првата средба е посветена на мигрантите, која ќе се одржи во регионалниот дистрибутивен центар. Потоа, откако ќе помине низ улиците на историскиот центар, на централниот плоштад, каде што се очекува да присуствуваат бројни работници, Папата ќе ја измоли молитвата „Ангел Господов” и ќе упати кратка катехеза.
Папата ќе руча со околу илјада сиромашни и бездомници во базиликата „Свети Петрониј“, подоцна во катедралата на градот „Свети Петар“ ќе се сретне со свештенството и богопосветените лица. Претставниците на академскиот свет ќе имаат можност да ги слушнат зборовите на Папата на историскиот плоштад „Свети Доменико” пред светата Литургија, која ќе се служи на стадионот „Ренато Дал Ара”.
На крајот на Литургијата на присутните ќе им бидат поделени околу 100.000 Евангелија по повод првата Недела на Словото, ден посакуван од Папата како плод од Јубилејот на милосрдието.
„Секој момент од оваа посета”, објаснува монс. Зупи, ќе има своја карактеристика. Болоња е град со огромни богатства и традиции, почнувајќи од најстариот универзитет во Европа, а на некој начини, дури и во светот. Затоа, не е само повторување на историјата, туку е и поттик да се запрашаме денес што ни кажува ова историја. Ова е неделата на Болоња, завршува архиепископот, празникот на еден град, кој секогаш се стремеше да живее добро и сака да продолжи да живее подобро.”
РВ/к.мк