Папата ја одреди старосната граница за епископите од Источните цркви со право за глас на синодите
Во Апостолското писмо издадено во облик на Motu Proprio, папата Фрањо воведе измени во Канонскиот законик на Источните цркви, во кој се предвидува дека епископите во мирување кои наполниле 80 години повеќе нема да можат да гласаат на Епископските синоди на кои припаѓаат, иако правилото не се однесува за оние кои се во служба.
Со новото Motu Proprio објавено во понеделник, на 17 април 2023 година, папата Фрањо го измени Канонскиот законик на Источните цркви, предвидувајќи дека епископите во мирување кои наполниле 80 години повеќе нема да можат да гласаат на Епископските синоди на кои припаѓаат.
Одлуката на Папата го исполнува долгогодишното барање на „некои патријарси, врховни архиепископи и епископи“, како што гласи насловот на ова Motu propriо „Iam pridem“ (Веќе некое време).
Во апостолското писмо се објаснува дека промената била неопходна поради „тешкотиите што настанале на Епископските синоди во патријаршиските цркви и големите архиепископски цркви, поради бројот на почесни епископи кои активно учествуваат во нив, особено во изборот на епископи и поглавари и оци на нивните sui iuris (автономна) Цркви“.
Наведените тешкотии ги поттикнаа поглаварите на тие Цркви да побараат нова регулатива што ја одреди папата Фрањо во Motu Proprio, кое го го потпиша во недела, 16 април 2023 година, со кој се менуваат каноните 66, § 1, 102, 149 и 183 од Канонскиот законик на Источни цркви.
Во документот се прецизира дека измените, кои ќе стапат во сила за еден месец, „нема да се применува“ за „патријарсите, врховните архиепископи, епархиските епископи и егзарси“ кои во моментов се на функцијата „и покрај тоа што наполниле осумдесет години“.
Ватикан њуз/к.мк