Зборувајќи со стручњаци од светот на технологијата, службеници во Куријата, теолози и моралисти кои се среќаваат секоја година на иницијативата „Minerva Dialogues“, организирана од Дикастеријата за култура и образование, Папата препорача техничкиот напредок да биде резултат на етички и одговорни одлуки. Вредноста на една личност не може да зависи од низа податоци, кои често се собираат премолчувајќи ја вистината, бидејќи тие можат да бидат контаминирани со општествени предрасуди и однапред создадени мислења.
Убеден сум дека дијалогот меѓу верниците и неверниците за фундаменталните прашања на етиката, науката и уметноста и за потрагата по смислата на животот е патот за градење мир и целосен човечки развој.
Ова го истакна папата Фрањо во својот говор пред учесниците на иницијативата „Minerva Dialogues“, организирана од Дикастеријата за култура и образование, и каде научници, инженери, управители на компании, адвокати, филозофи и претставници на Црквата секоја година се собираат за да промовираат поголема свесност и да се разгледа општественото и културното влијание на дигиталните технологии, посебно вештачката интелигенција, и да се овозможи сериозна и инклузивна дискусија, исто така отворена за верските вредности, за одговорно користење на технологиите.
Технологијата треба да биде концентрирана на човекот и насочено за добро
Истакнувајќи дека технологијата е од голема помош за човештвото, Папата истакна, како што се наведува во енцикликата Laudato si’, дека во придобивките на науката и технологијата доаѓа доказ за создавањето на човечкото битие, како и благородноста на неговиот повик одговорно да учествува во Божјото создателно делување. Во оваа перспектива – додаде тој – развојот на вештачката интелигенција и машинското учење може да даде корисен придонес за иднината на човештвото – што не треба да се отфрли – под услов да се постапува етички и одговорно.
Светиот Отец се заблагодари на оние кои се залагаат технологијата да биде насочена кон луѓето и да се фокусира на доброто и да има договор за развојните процеси осмислени во согласност со вредностите на вклучување, транспарентност, безбедност, еднаквост, доверливост и сигурност.
Потребен е инклузивен дијалог насочен кон промовирање на човечкото достоинство
Сепак, неопходно е да се земе предвид големата плуралност на политички системи, култури, традиции, филозофски и етички сфаќања и религиозни убедувања – истакна папата Фрањо и рече:
Само инклузивен дијалог, во кој луѓето заедно ја бараат вистината, може да доведе до вистински договор; ова може да се случи ако го споделиме верувањето дека „во самата реалност на луѓето и општеството постојат голем број основни структури кои го поддржуваат нивниот развој и нивниот опстанок“. Темелна вредност што треба да ја препознаеме и промовираме е достоинството на човечката личност.
Дигитални технологии и нееднаквости
Затоа Папата охрабри вроденото достоинство на секој маж и секоја жена да биде клучен критериум во евалуацијата на новите технологии, кои се валидни од етичка гледна точка, доколку помогнат да се покаже тоа достоинство и да се зајакне неговото изразување на сите нивоа на човечкиот живот.
Загрижен сум што досега собраните податоци покажуваат дека дигиталните технологии придонеле за зголемување на нееднаквост во светот. Не само разлики во материјалното богатство, кои се исто така важни, туку и оние во пристапот до политичко и општествено влијание.
Општествените и економските одлуки не смеат да го исклучат милосрдието
Сепак, вреди да се праша – според Папата – дали, меѓу другото, постои опасност зголемувањето на нееднаквоста да го загрози нашето чувство за човечка и социјална солидарност, бидејќи целта е растот на научните и технолошките иновации да биде придружени со поголема еднаквост и социјална вклученост. Лажниот концепт на меритократија може да го поткопа концептот на човечко достоинство – предупреди Папата – затоа што постои ризик да се сфатат економските предности на малкумина како заработени или заслужени, додека сиромаштвото на многумина, во одредена смисла, се гледа како нивна вина, и затоа „ако сиромаштвото е вина на сиромашните, богатите се ослободени нешто да направат за нив.“
Концептот на човечко достоинство бара од нас да го препознаеме и почитуваме фактот дека основната вредност на една личност не може да се мери со збир на податоци. Во процесите на донесување општествени и економски одлуки, треба да бидеме внимателни во донесувањето одлуки со алгоритми кои обработуваат собрани податоци, честопати прикривајќи ја вистината, за поединците и нивните карактеристики и нивното однесување во минатото.
Може да се случи податоците да бидат контаминирани со општествени предрасуди и идеи – истакна Папата и охрабри да не се користи минатото однесување на поединецот за да се негира можноста за промени, раст и придонес во општеството.
Не можеме да дозволиме алгоритмите да го ограничат или условуваат почитувањето на човечкото достоинство, ниту да исклучат сочувство, милост, простување и, пред сè, отвореност кон надежта за промена на личноста.
Инклузивниот дијалог нè охрабрува да видиме богатство во различноста
Папата Фрањо е убеден дека само вистински инклузивните форми на дијалог можат да овозможат мудро расудување за тоа како вештачката интелигенција и дигиталните технологии треба да се стават во служба на човечкото семејство. Затоа, тој потсети на библискиот извештај за Вавилонската кула, која често се користи за предупредување за прекумерните амбиции на науката и технологијата, што може да доведе до тешка социјална неправда.
Тие различни јазици, по Божја интервенција – истакна Папата – треба да се сфатат како нова можност, бидејќи поттикнуваат разликите и различностите да се сметаат за богатство, бидејќи униформноста не дозволува раст. Различноста, напротив, бара заедно да учиме еден од друг и понизно повторно да го откриеме вистинското значење и опсегот на нашето човечко достоинство, бидејќи различноста ја поттикнува креативноста – нагласи папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк