Папата: Христијанинот трпеливо поднесува болка

Христијанинот не ја умртвува болката туку трпи со надежта дека Бог ќе ни ја даде радоста која никој не може да ни ја одземе – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 6 мај 2016 година во капелата на домот Света Марта.

Болки и радост на родилка

Во денешното Евангелие Исус пред своите маки ги предупредува учениците дека ќе бидат нажалени, но дека таа жалост ќе им се претвори во восклик на радост. Исус ја наведува сликата на жена која раѓа: „Жена кога раѓа им болки оти и дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето од радост не ги помни веќе болките.“ Во болката се надева, во радоста се воскликнува – рече Папата додавајќи:

Тоа е она што надежта и радоста заедно го прават во нашиот живот кога сме во маки, кога сме во проблеми, кога трпиме. Тоа не е умртвување на болката. Болката е трпење, но ако радосно и со надеж ја поднесуваме тогаш ја отвора вратата на радоста за новиот плод. Ова Господова слика може многу да помогне во тешкотиите, кои понекогаш се многу грди, заради кои можеме да се посомневаме во својата вера… Но, со радоста и надежта одиме напред затоа што по ова бура доаѓа нов човек како кога жена ќе роди. Исус вели дека таа радост и надеж не поминува – потсети Папата.

Радост и надеж, а не едноставно веселба или оптимизам

Радоста и надежта одат заедно. Радоста без надеж едноставно е забава, минлива веселба. Надежта без радост не е надеж, не го надминува здравиот оптимизам. Неразделни се радоста и надежта, а заедно поттикнуваат на експлозија  која Црквата во својата Литургија исто така смело вика: „Нека воскликнува твојата Црква!; од радост нека воскликнува без двоумење затоа што кога е голема радоста, нема формалности сè е радосно – истакна Папата.

Излегување од себе

Господ ни вели дека во животот ќе имаме проблеми и дека радоста и надежта не се народна забава, туку нешто друго. Радоста ја зацврстува надежта, а надежта цвета во радоста. Така одиме напред, а двете како христијански крепости означуваат излегување од самите нас. Радосен човек не се затовра во себе; надежта те води на излезот, таа е сидро на небесната плажа и те води надвор. Треба да се излезе од себе со радост и со надеж – поттикна Папата.

Трајна радост

Сè може да ја наруши човечката радост, Исус сака да ни даде радост која никој не може да ни ја одземе: трајна дури и во најмрачните моменти. Така се случило за Господовото воскресение. Учениците продолжиле да гледаат во небото кога Господ си заминал, биле малку тажни. Ангелите ги разбудиле – рече папата Фрањо додавајќи:

Евангелието според Лука вели дека апостолите се вратиле среќни, полни со радост затоа што виделе дека нашето човештво прв пат влегло во небото. Во радост се претвора надежта дека засекогаш ќе живееме со Господ и ја обзема целата Црква. Нека Господ ни ја даде милоста на големата радост која е израз на цврстата надеж, да стане радост во нашиот живот, а нека Он ја чува таа радост и надеж никој да не може да ни ја одземе – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот