Пат, пророштво, сочувство. Овие три димензии на верата, по примерот на Пресвета Богородица, беа во фокусот на последната проповед на папата Фрањо во Словачка.
Верата не може да се сведе на „шеќер, кој го засладува животот“, бидејќи Исус е знак на противречност. Тој дојде да донесе светлина таму каде што се спушта темнината, принудувајќи ја да излезе на виделина, поради што темнината секогаш војува со Него. Ова, меѓу другото, го истакна папата на проповедаше за време на Светата Литургија, која ја предводеше во среда 15 септември 2021 година, во словачкото национално светилиште Шастин, на денот на националното поклонение по повод празникот на Блажена Дева Марија Тажна.
Во светлината на евангелскиот извештај за тоа како Марија и Јосиф го принесоа Исус во храмот, каде праведниот Симеон гоз еде во раце Младенецот, во него тој ја препозна светлина за светот и претскажа дека „меч на болка“ ќе ја прободи душата на Богородица, „за да се откријат мислите на многу срца.“ За време на проповедта тој ги сподели своите размислувања за тоа како Дева Марија е пример на верата, чии карактеристични одбележја се „патот, пророштвото и сочувството“.
Вера што придвижува
„Прво, верата на Марија е вера која оди по патот“, рече Светиот Отец, истакнувајќи дека откако Богородица го примила евангелието, таа не го чува овој дар за себе, не стои во место, туку оди кај роднината Елисавета, сметајќи го примениот дар за послание. „Наместо вообичаените навики“, таа претпочита „патување во непознато“. Целиот нејзин живот ќе биде патување за Синот, а исто така и во споменатиот евангелски пасус ја гледаме на пат кон храмот.
„Така, Пресвета Богородица е пример за верата на овој словачки народ: верата која излегува од неа е секогаш вдахновена од едноставна и искрена побожност, во постојано поклонение, во потрага по Господ. И одејќи напред, ги надминувате искушенијата на статичната вера, која се задоволува со некој обред или стара традиција“, рече Папата, повикувајќи „да не се престане“ со одењето, бидејќи кога Црквата ќе престане да оди таа почнува да се разболува.
Пророчка вера
Следна карактеристика, која ја посочи Светиот Отец е дека верата на Марија е „пророчка вера“.Нејзиниот живот е „пророштво за Божјото дејствување во историјата“, и како Безгрешна Девица, таа е „икона на нашиот повик“, бидејќи како неа, ние сме повикани да бидеме „свети и беспрекорни во љубовта“. Во Марија, пророштвото на Израел го достигнува својот врв, бидејќи таа во својата утроба го носи Воплотеното Слово, како што вели старецот Симеон: Тој ќе биде знак на сопнување“.
„Да не го заборавиме ова: верата не може да се сведе на шеќер, кој го засладува животот. Невозможно е. Исус е знак на сопнување. Тој дојде да донесе светлина таму каде што владее темнината, ја изнесе на светлина и ја принуди да се повлече. И затоа темнината секогаш се бори против Него. Оној што го прифаќа Христа и се отвора кон Него, воскреснува, тој што го отфрла е затворен во темнина и се уништува себеси “, рече Папата, нагласувајќи дека е невозможно да се остане млак пред Исус, но да се прифати Него значи да се согласиме дека Тој ќе ги „разобличи моите противречности, моите идоли“, сепак, „ќе има воскресение за мене“. И токму Словачка денес има потреба од такви пророци, што не значи „да се биде непријателски настроен кон светот“, туку да се биде „знак на сопнување“, кој со својот живот ќе ја покаже „убавината на Евангелието“.
Сочувствителна вера
На крајот, Папата истакна дека Марија е „Мајка на сочувството“, дека нејзината вера е сочувствителна. Таа со својот Син го сподели посланието за спасение до подножјето на крстот, каде што го разбра пророштвото на Симеон: „И меч ќе ти ја прободе душата“. И таму, под крстот, „Мајката, која страда едноставно останува“,не се обидува да се спаси, не бега, не користи „духовни анестетици за да избега од болката“. Останувањето под крстот е „слом на сочувство“.
„И ние, гледајќи во Страдалната Пречиста Девица, се отвораме за верата која станува сочувство, која станува заеднички живот со ранетите, страдалниците, принудени да носат тешки крстови на рамењата“, рече Светиот Отец, посакувајќи им на словачките католици од Пресвета Богородица да молат благодат за нив, така што нивната вера „секогаш ќе може да оди напред, да има дух на пророштво и да биде вера богата со сочувство“.
Ватикан њуз/к.мк