Папата Фрањо: Срамувањето од своите гревови е доблест на понизниот

Ватикан, 29.4.2013 /к.мк/ – Да се срамиш од своите гревови е доблест на понизниот, која нѐ подготвува да го прифатиме Божјото простување. Тоа го посочи папата Фрањо во понеделник, 29 април за време на Литургија, која ја служеше во домот Света Марта во Ватикан, а во присуство на раководителите и вработените од Управата на имотот на Светата Столица.

Во проповедта Папата го коментираше Првото послание од светиот богослов Иван во кое се вели дека „Бог е светлина и во Него нема никаква темнина“ (1 Ив. 1, 5). „Сите имаме мрачни моменти во животот“ во кои дури и главите ни „се помрачени“, рече Папата, но тоа не значи дека треба да се оди секогаш во темнината:

„Да се оди во темнината значи да бидеме задоволни од себе и да сме убедени дека немаме потреба од спасение – објасни папата Фрањо. Кога некој оди по овој пат, не е лесно да се врати назад. Затоа апостол Иван додава „ако речеме дека немаме грев, ние лажеме и не постапуваме по вистината“.

„Погледнете на вашите и нашите гревови: Сите сме грешници … Ова е почетната точка – рече Папата. Но ако ги исповедаме нашите гревови, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и нè очисти од секаква дамка.“

„Кога Господ ни простува, спроведува правда“ прво кон себе, затоа што Тој е дојден за да нè спаси и ни прости“, примајќи нѐ со татковска нежност како свои чеда“, рече Папата. „Господ е нежен кон оние кои се плашат од Него и кои одат кај Него“; Тој нѐ разбира „со нежност“ и сака да ни го подари „оној мир кој само Тој може да ни го даде“. „Тоа е Таинството на Исповедта“, посочи папата Фрањо, иако „многу пати одиме да се исповедаме, како да е тоа хемиското чистење“ со кое ја чистиме нечистотијата од облеката“:

Но исповедта на Исус не е хемиско чистење: тоа е место за средба со Исус, кој нѐ чека такви какви што сме“. Не треба да се срамиме да ја кажеме вистината: „Срамот е вистинска христијанска и човечка доблест … способноста да се срамиш …. Срамот е доблест на понизниот, на понизниот маж или жена.“

„Но за тоа е потребно доверба, бидејќи кога правиме гревови имаме застапник пред Отецот: Исус Христос, Праведникот“, продолжи Папата. „Тој се застапува за нас пред Отецот“ и нѐ брани од нашите слабости. Но за тоа е потребно да се соочиме со Господ и „со нашата вистина дека сме грешници“, со „доверба, радост и без шминка!“. Овој „благословен срам“ е добротвор, кој што Исус го бара од нас: понизност и благост“.

„Понизноста и благоста се темелите на христијанскиот живот – рече папата Фрањо… Секој христијанин треба да се стреми кон нив. А Исус нѐ чека да ни прости. Но тогаш можеме да Му кажеме: зарем исповедта не е едно мачење? Не! Тоа е пофалба на Бог, бидејќи јас, грешниот, сум спасен од Него. И Тој нѐ чека, но не за да нѐ укорува, туку нежно да ни прости. Но што ако утре пак го сториме истото? – праша Папата. Дојди уште еднаш, и пак дојди и пак дојди … Тој секогаш нѐ чека. Тоа е нежноста на Господ, понизноста и благоста“.

„Господ ни ја дава оваа благодат и оваа храброст да се јавиме пред Него со вистината, бидејќи вистината е светлина, а не темнината на полувистини или на лагите пред Бога“, заврши Папата. (В.Н)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<