Ангел Господов: Верата и секојдневниот живот се клучно поврзани

Ангел Господов: Верата и секојдневниот живот се клучно поврзани

За време на неделната молитва Ангел Господов, на 22 октомври 2023 година, папата Фрањо предупреди на искушението да се мисли дека верата и секојдневието се две посебни работи, нарекувајќи го таквиот начин на размислување еден вид „шизофренија“. Тој истакна дека му припаѓаме на Господ и дека не смееме да бидеме робови на ниту една земна власт.

За оние кои се во искушение да мислат дека верата и секојдневието немаат никаква врска едно со друго, папата Фрањо вели дека тоа не е вистина.

Ова Светиот Отец го кажа за време на неделната молитва Ангел Господов на плоштадот Свети Петар, размислувајќи за неделниот евангелски дел од свети Матеј. Тој истакна дека ние му припаѓаме на Господ, а не на некоја земна власт.

Евангелското четиво зборува како некои фарисеи им се придружиле на Иродовците за да му постават замка на Исус. Секогаш се обидувале да го вовлечат во замка, потсети Папата.

Тие одат кај него и го прашуваат: „Треба ли да се дава данок на царот или не?“ (Матеј 22,17). Тоа е измама: Ако Исус вели дека е легитимно да се плаќа данок, тогаш тој застанува на страната на политичката моќ која е трн во окото на народот, а ако каже да не се плаќа, може да биде обвинет за бунт против царството. Вистинска замка.

Меѓутоа, потсети Папата, Исус се извлекува од таа замка барајќи да му ја покажат паричката. Го има ликот на царот и им вели: Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога.

Светиот Отец потоа ги праша верниците: Што значи тоа?

Верата и секојдневието не се одвоени

Овие Исусови зборови, додаде папата Фрањо, влегоа во секојдневниот говор, но понекогаш се користат погрешно – или барем делумно погрешно – кога се зборува за односите меѓу Црквата и државата, меѓу христијаните и политиката; често се сфаќаат на начин на кој Исус сака да ги раздвои „царот“ и „Бог“, односно земната и духовната реалност.

Понекогаш и ние така размислуваме: едно е верата со нејзините практики, а друго е секојдневието. А тоа не е така. Не. Тоа е „шизофренија“, како верата да нема никаква врска со реалниот живот, со предизвиците на општеството, со социјалната правда, со политиката…

Во реалноста, истакна Светиот Отец, Исус сака да ни помогне да го дадеме на „царот“ и на „Бог“ нивното вистинско место.

„Ние сме Господови“

Исус, нагласи Папата, истовремено потврдува една фундаментална реалност: дека човекот – целиот човек и секое човечко битие – му припаѓа на Бога.

Тоа значи, заклучи римскиот епископ, дека не припаѓаме на ниту една земна реалност, на ниту еден цар на овој свет.

Господови сме и не смееме да бидеме робови на ниту една световна власт.

Затоа, на парите стои царскиот лик, но Исус нѐ потсетува дека во нашите животи е втиснат Божјиот образ, кој ништо и никој не може да го затемни.

Прашања за размислување

Работите од овој свет, рече папата Фрањо, можеби му припаѓаат на царот, но човекот и самиот свет му припаѓаат на Бога: не заборавајте го тоа!

Исус, продолжи римскиот бискуп, секој од нас го враќа на својот сопствен идентитет.

Папата потоа ги повика верниците собрани на плоштадот Свети Петар да се запрашаат дали имаат исправно разбирање или треба да надминат некое лично лицемерие.

На паричката на овој свет, рече тој, има слика на цар, но која слика ја носите во себе? Чиј лик е на твојот живот, праша Папата.

Дали си спомнуваме дека му припаѓаме на Господ или дозволуваме да бидеме обликувани според логиката на светот и да ги направиме работата, политиката и парите во идоли што ги обожаваме?

Папата Фрањо заврши со молитва до Светата Дева да ни помогне да го препознаеме и почитуваме сопственото достоинство и достоинството на секое човечко битие.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот