Папата Фрањо се сретна со палестинскиот претседател Махмуд Абас

Обновување на преговорите и изнаоѓање на „храбри одлуки“ за мирот со поддршка на меѓународната заедница, беше желбата на Папата упатена до палестинскиот претседател Махмуд Абас, кого го прими на 16 мај во аудиенција во Ватикан.

По средбата со Папата, палестинскиот претседател разговараше со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин, придружуван од секретарот за Односи со земјите монсињор Пол Галагер. Палестинскиот претседател ќе учествува на 17 мај на церемонијата на канонизација на двајца палестински блажени, за што ја изрази својата благодарност до папата Фрањо, кој ќе ја предводи Литургијата.

За време на „срдечните разговори беше изразено големо задоволство од постигнатата согласност во изготвувањето на Општиот договор меѓу двете земји, за значајните аспекти на животот и дејноста на Католичката црква во Палестина, кој ќе биде потпишан во блиска иднина“, информира Ватиканската прес служба. „Покрај тоа, беше начната темата за мировниот процес со Израел и беше изразена желба за обновување на директните преговори меѓу заинтересираните страни за изнаоѓање праведно и трајно решение на конфликтот“. За конфликтите на Блискиот Исток, „беше потврдено значење на борбата против тероризмот и беше нагласена потребата од меѓурелигиски дијалог“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот