По првиот ден поминат во болницата Гемели поради респираторна инфекција, папата Фрањо во четврток 30 март 2023 година испрати порака од својот Твитер профил @Pontifex. Во болницата, пред која се собрани меѓународните медиуми, се моли за Папата. Во меѓувреме, пораки со добри желби и изрази на наклонетост пристигнуваат од целиот свет.
Трогнат сум од бројните пораки добиени во последните неколку часа и на сите им изразувам благодарност за нивната близина и молитва.
Веќе на 29 март, во вечерните часови, директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни, ја пренесе благодарноста на папата Фрањо до сите кои испратија пораки, набргу по веста за неговата хоспитализација во поликлиниката Гемели поради респираторна инфекција. Сега самиот Папа, откако мирно ја помина првата ноќ во болницата каде што веќе престојуваше во јули 2021 година поради операција на дебелото црево, упати Твитер порака од профилот @Pontifex преку кој на девет јазици допира до милиони луѓе во исто време.
Пораки со добри желби
Молитвите за оздравување на Хорхе Марио Бергољо се упатуваат во целиот светот откако Канцеларијата за печат на Светиот Престол ја објави веста за неговата хоспитализација. Ова го соопшти Римската бискупија, во чие соопштение за медиумите се наведува следново: „Црквата во Рим ја изразува целата своја наклонетост и близина кон својот епископ, папата Фрањо, и ветува постојана молитва, уште посилна во овој момент на тешкотија, посакувајќи му брзо закрепнување“.
Претседателството на италијанската бискупска конференција, во име на италијанските бискупи, меѓу првите пораки, ветува заедничка молитва на Црквата во Италија, посакувајќи му на Светиот Отец брзо закрепнување, му ги доверува на Господ лекарите и медицинскиот персонал кои професионално и посветено се грижат за него и сите сите пациенти.
Ватикан њуз/к.мк