Папата Фрањо: Светиот Дух нѐ преобразува и преку нас го преобразува светот
Ватикан, 28.4.2013 /к.мк/ – „Светиот Дух нѐ менува и преку нас сака да го промени светот во кој живееме“, така папата Фрањо го објасни пред повеќе од 100 илјади луѓе на плоштадот Свети Петар таинството Миропомазание што го подели на 44 млади од пет континенти. Литургијата е во контекст на Годината на верата, за да се потенцира врската на крстените со Црквата која станува посовршена, бидејќи миропозаните се збогатени со силата на Светиот Дух и имаат обврска да ја потврдат верата во Христос.
Миропомазанието им беше поделено на млади од Либан, Индија, Филипините, Кина, Шри Ланка, Белорусија, Конго, Ирска. Облечени во своите традиционални носии, миропомазаниците ја претставува реалноста на Црквата и нејзината универзалност.
Во проповедта папата Фрањо, повикувајќи се на евангелскиот извадок на апостол Иван во кој зборува за „ново небо и нова земја“ (Ив 21, 1-5а) нагласи дека Светиот Дух „ни ја носи новоста од Бог“ и ги „обновува нештата“, „Светиот Дух нѐ менува!“
Но оваа „новост“ не личи на световната новост, која е минлива, краткотрајна, па затоа се барааат нови – објасни Папата. „Новоста, што Бог ни ја дава е конечна – не само за иднината, кога ќе бидеме со Него, туку и за денес“. „Светиот Дух нѐ преобразува и сака преку нас да го преобрази светот во кој живееме. Да ги отвориме вратите за Светиот Дух, за да нè води, а Божјото дејствување да ги обнови мажите и жените, да бидат обновени од Божјата љубов која Тој ни ја дарува! Колку убаво ќе биде ако секој од вас каже вечерва: денес во училиште, дома, на работното место, воден од Светиот Дух покажав љубов кон мојот другар, моите родители или некој возрасен човек! Колку е убаво!” – извика Папата.
Повикувајќи се на првото литургиско читање за петтата пасхална неделата, во кое се зборува за „многу неволи, низ кои треба да поминат апостолите“ (Дела. 14, 20-22), Папата го објасни значењето на „неволите и страдањата, со кои секој христијанин ќе се сретне на патот кон Божјата слава“:
„Да го следиш Господ значи да дозволиш Неговиот Дух да ги преобрази нашите места со сенки, нашето однесување кое не е како што сака Бог, да ги измие нашите гревови и тоа е пат со многу пречки, кои не се од нас, туку од надвор, од светот кој често не нѐ разбира, но и да дозволиме Неговиот Дух да делува во во нас, во нашето срце – рече Папата. Но неволите и страдањата ќе ги сретнеме секогаш во животот, бидејќи се дел од патот кон Божјата слава, како и Исус, кој се прослави на Крстот! Да ја имаме силата на Светиот Дух, за да ги победиме!”
На преполниот плоштад Свети Петар присуствуваат и многу млади кои, заедно со миропомазаниците, Папата ги охрабри „да имаат непоколеблива вера и надеж во Господ“:
„Слушнете ме добро, млади – повика папата Фрањо: одете против струењето тоа е корисно за срцето, но затоа се бара храброст и само Бог може да ни ја даде. Не постојат неволи, страдања и недоразбирања кои можат да нѐ исплашат, ако сме соединети со Бог, како што се прачките на лозата, ако не го загубиме Неговото пријателство и Му даваме сè поголемо место во нашите животи. Токму кога се чувствуваме слаби, сиромашни, грешни, Бог ни дава сила во нашата слабост, богатство во нашето сиромаштво, преобраќање од нашиот грев. Да се надеваме на Божјото делување, бидејќи со него можеме да направиме големи нешта, и тој ќе ни даде да ја почуствуваме радоста како негови ученици и сведоци.
Пред да ја измоли молитвата Царице Небеска, Папата ги довери миропозаните под застапништво на Дева Марија: „Нека Марија ви помага за да го слушнете она што Господ го сака од вас и да живеете според Светиот Дух и да бидете секогаш придружувани од Него“.
На крајот Папата упати молитва за многубројните жртви на срушената зграда во Бангладеш, и ја изрази својата духовна блискост со блиските на загинатите и упати апел „секогаш да биде заштитувано достоинството и безбедноста на работникот“.