Папата Фрањо повторно повика за крај на војните и отстранување на причините за конфликтите, одново повторувајќи дека е неморално користењето, па дури и поседувањето нуклеарно оружје. Ова го истакнува Папата во пораката прочитана на првиот состанок на страните за Договорот за забрана на нуклеарно оружје.
„Смелата визија“ на Договорот за забрана на нуклеарно оружје станува се понавремена, напоменува папата Фрањо во пораката што ја прочита секретарот за односи со државите, монс. Пол Ричард Галагер на првиот состанок на државите членки на Договорот за нуклеарно оружје. Договорот, чија цел е да се постигне и одржи свет без нуклеарно оружје, стапи на сила во јануари 2021 година. До денес, 65 држави го ратификувале или пристапиле на Договорот, иако ниту една држава која поседува такво оружје не го сторила тоа.
Иако говорот за разоружување може да изгледа парадоксално за многумина, неопходно е да се биде свесен за опасностите од кратковидните пристапи кон националната и меѓународната безбедност и ризикот од пролиферација, истакнува Светиот Отец.
Затоа Папата го повторува својот апел „да замолчи оружјето“ и да се отстранат причините за конфликтите со неуморно прибегнување кон преговори. Тој нагласува дека мирот и безбедноста, за да бидат праведни и трајни, мора да бидат универзални и дека сите мора да бидеме одговорни – колективно и индивидуално – за благосостојбата на нашите браќа и сестри.
Скапа и опасна обврска
Светиот Престол не се сомнева дека свет без нуклеарно оружје е неопходен и можен, вели папата Фрањо и ги осудува плановите кои даваат лажно чувство на сигурност врз основа на поседување нуклеарно оружје и друго оружје за масовно уништување.
Посебно искажува сомнеж за соодветноста на нуклеарното одвраќање како одговор на современите предизвици, предупредувајќи на опасностите од несреќи кои вклучуваат такво оружје. Тој наведува дека „нуклеарното оружје е скапа и опасна обврска“.
Неморалност на користење и поседување
Светиот Отец потврдува дека употребата на нуклеарно оружје, како и поседувањето е неморално. Одбраната на идејата за меѓусебно одвраќање неизбежно завршува со труење на меѓучовечките односи и попречување на секоја можна форма на вистински дијалог, истакнува Папата.
Исто така, предупредува на опасноста од користење на нуклеарно оружје како форма на уцена што треба да биде одбивно за целата совест на човештвото.
Глобална и итна потреба за одговорност
Во таа насока, папата Фрањо нагласува дека процесот на разоружување мора да биде темелен и целосен и да допре до самите души на луѓето. Затоа, забележува тој, важно е да се препознае глобалната и итна потреба за одговорност, како јавна, така и лична, што вклучува преиспитување на совеста за тоа како поединци и нации можат да ја оправдаат употребата или поседувањето нуклеарно оружје.
Повеќе од само законска обврска
Папата Фрањо ја завршува својата порака истакнувајќи дека договорите за разоружување, вклучително и Договорот за забрана на нуклеарно оружје, се повеќе од само законска обврска. „Тоа се исто така морални обврски засновани на доверба меѓу државите и меѓу нивните претставници, вкоренети во довербата што граѓаните ја даваат на нивните влади, со етички последици за сегашните и идните генерации на човештвото.
Папата Фрањо нагласува дека придржувањето и почитувањето на меѓународните договори за разоружување е извор на сила, а не слабост и ги охрабрува „да продолжат по избраниот пат за промовирање култура на живот и мир заснована на човечкото достоинство и свеста дека сите ние сме браќа и сестри.”
На крајот, се истакнува дека, од своја страна, Католичката црква останува неповратно посветена на промовирање на мирот меѓу луѓето и нациите и промовирање на образование за мир во сите нејзини институции.
Ватикан њуз/к.мк