Папата Фрањо: Сакајте се, како што Христос ја сака Црквата
„Се бара храброст да се љубиме еден со друг, како што Христос ја сака Црквата“, изјави папата Фрањо за време на генералната аудиенција на плоштадот свети Петар, исполнет со верници и покрај жешкото време.
Светиот Oтец зборуваше на тема „Убавината на христијанскиот брак“. Со неа Светиот Oтец го продолжи циклусот катехези за семејството. Пред Генералната аудиенција, папата Фрањо се сретна со група болни деца во домот Света Марта.
Христијанскиот брак е таинство кое „се случува“ во Црквата и што ја прави Црквата, давајќи почеток на една нова семејна заедница. Тоа не е едноставно церемонија во црква со цвеќиња, облека и слики“, туку е многу повеќе, бракот е света тајна, не е само церемонија. Папата Фрањо ја започна својата катехеза посветена на убавината на Христијанскиот брак и веднаш истакна цитирајќи го свети Павле дека „љубовта на сопружниците е сликата на љубовта помеѓу Христа и Црквата“. „Незамисливо достоинство!“, извика папата Фрањо и додаде дека оваа аналогија, колку и да е „несовршена“ има „духовна смисла“, возвишена и „иновативна“, но во исто време е „достапна за секој маж и жена кои се потпираат на Божјата благодат“.
Светиот апостол Павле објаснува во познатиот израз „Оваа тајна – тајната на бракот е голема“ и го споредува таинството на бракот со заедништвото меѓу Христа и Црквата. (Ефесјаните 5,32). Инспириран од Светиот Дух, Павле зборува дека љубовта меѓу сопружниците е пресликување на љубовта помеѓу Христа и Црквата.
Светиот Отец се обрати директно до сопружниците присутни на плоштадот Свети Петар и ги потсети дека, како што читаме во Посланието до Ефесјаните, треба да ја сакаат својата жена, како сопственото тело“(Ефесјаните 5,32): „Вие, сопрузи, кои сте тука, го разбирате ли ова? Да ја љубите жена си, како што Христос ја сака Црквата. „Семето на евангелската новост која го обновува првичниот реципроцитет на посветеност и почитување, се развивало бавно низ историјата, но на крајот преовладало“, изјави папата Фрањо и истакна дека тајната на бракот е „голем чин на вера и љубов.„Црквата е целосно посветена во историјата на секој христијански брак: се вградува во неговите успеси и страда со неговите неуспеси“, додаде Папата.
„Но, ние треба да се запрашаме сериозно: Ја прифаќаме ли целосно, самите ние, како верници и пастири, нераскинливата врска меѓу историјата на Христос и Црквата, и историјата на бракот и човечкото семејство? Дали сме подготвени да ја преземеме одговорноста сериозно, односно дека секој брак оди по патот на љубовта на Христос кон Црквата?“
„Црквата, за да ги обдари сите со даровите на верата, љубовта и надежта, има потреба од храбра верност на сопружниците на благодатта на нивното таинство!“, рече Папата и додаде дека патот е означен засекогаш, тоа е патот на љубовта.
Светиот Отец, на крајот, упати посебен поздрав до младите, болните и младоженците, доверувајќи ги на Дева Марија, особено во текот на месец мај, месецот на Марија. А исто така, и упати апел за мир по повод завршувањето на Втората Светска Војна.
РВ/В.Н.