Папата Фрањо: Радоста е показател за нашиот христијански живот

Радоста е показател на нашето христијанско живеење – рече Светиот Отец на светата Литургија на 22 мај во капелата на домот Света Марта. Исто така Папата објасни дека Светиот Дух е оној кој нѐ учи да љубиме и кој нѐ исполнува со радост и дека за христијанинот е „невозможно“ да биде тажен.

Исус пред своето вознесение зборува за многу работи – рече Папата – но три збора се клучни: мир, љубов и радост. За мирот ни рече дека не ни го дава онака како што светот го дава, туку дека неговиот мир е засекогаш. За љубовта толку пати повтори дека е заповед да го љубиме Бог и ближниот и дека по тоа сите ќе бидеме судени (сп. Мт 25). Во денешниот дел од Евангелието, за љубовта кажува уште нешто: не само да љубете, туку и да останете во мојата љубов.

Ова е христијански повик: да останеме во Божјата љубов, што значи да дишеме, да живееме од тој кислород; од тој воздух. А каква е неговата љубов?  Како што Отецот ме љубеше мене, така и јас ве љубам вас. Тоа е љубов која доаѓа од Отецот; љубов која е меѓу Отецот и Синот како и меѓу Синот и нас, а од нас бара во таа љубов, која доаѓа од Отецот, да останеме – истакна папата Фрањо.

Знак дека навистина остануваме во Исусовата љубов е ако ги чуваме заповедите. Кога остануваме во Неговата љубов, самата љубов прави да ги вршиме заповедите и тоа спонтано, непресилено. Коренот на љубовта цвета во заповедите кои се како врска која ги соединува Отецот, Исус и нас.

Радоста пак е знак и карактеристика на христијаните. Христијанин без радост или не е христијанин или се разболел. Тука тогаш со христијанското здравје нешто не е како што треба. Еднаш спомнав дека има христијани чии израз на лицето е како пиперки во оцет – и така постојано! Таква им е и душата, што е грдо и таквите не се (вистинските) христијани. Христијанството без радост не е христијанство. Радоста на христијанинот е како печат; така во болка, несреќа, па и во прогонство – рече Светиот Отец и додаде дека за првите маченици се зборува дека кога оделе во мака како да оделе на свадба. Радоста на христијанинот е да го чуват мирот и љубовта. Мир, љубов и радост – се три зборови кои Исус ни ги остава. Но, кој ни го дава мирот, љубовта и радоста – праша Папата и веднаш одговори – тоа е Светиот Дух!

Голем Заборавен во нашиот живот! Ми доаѓа да ве прашам: Колку од вас се молат на Светиот Дух? Тој е нашиот Заборавен, бидејќи Тој ни дава мир; нѐ учи како да љубиме и нѐ исполнува со радост. Од Господ во молитвата баравме да го сочува својот дар; односно Господ во нас да го задржи својот Дух. Нека Господ ни даде милост во нас трајно да го чува Светиот Дух; оној Дух кој нѐ учи да љубиме и кој нѐ исполнува со радост и мир – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот