Папата Фрањо на Божиќната Миса: Светот има потреба од нежност и добрина

Исус е „детето-сонце што го озрачи хоризонтот, изгревајќи одозгора: тоа е чудото што се случува во божиќната ноќ. Но за да го видиме треба да го отвориме срцето“. Ова го истакна папата Фрањо во проповедта за време на Литургијата на Бадник, која ја предводеше вечерта на 24 декември, во преполнатабазилика,„Свети Петар“. Папата Фрањо потсети дека светлината Божја „продира и го отстранува дури и најголемиот мрак, ја брише сериозноста на поразот, тагата од ропството и ја воспоставува радоста и среќата“.

Бог, рече Папата, не се откажа од човекот покрај војните, насилството, омразата и ропството, туку продолжува да го очекува со трпение:

„Во долгата историја, светлината која ја растура темнината ни открива дека Бог е Отец и неговата трпелива преданост е посилна од темнината и расипаноста. Тоа е смислата на навестувањето во божиќната ноќ. Гневот и нетрпеливоста се непознати за Бог; Тој е секогаш таму, како таткото во параболата за блудниот син, во очекување да го здогледа одалеку враќањето на својот изгубен син. И така, трпеливо, секој ден. Тоа е трпението на Бог “.

Друга карактеристична особина на Бог е неговата смиреност, рече Папата: „Љубовта со која ја прифаќа нашата немоќ, нашето страдање и болка, нашите желби и ограничувања“:

„Пораката што сите ја очекувавме и што сите ја баравме длабоко во нашата душа, не беше ништо друго освен Божјата нежност: Бог, кој нè гледа со поглед полн со љубов, кој ја прифаќа нашата мизерија, Бог заљубен во нашата ограниченост“.

Како ја прифаќаме Божјата нежност? Му дозволуваме ли да се приближи до нас или го попречуваме?, запраша реторички Папата. „Најважно е да дозволиме Тој да биде оној кој нѐ пронаоѓа, за да ни се смилува нежно со љубов“.

“Дозволувам ли Бог да ме сака? Наоѓаме ли храброст да ги прифатиме со нежност најтешките ситуации и проблемите на оние што нè опкружуваат или преферираме безлични решенија кои можеби се ефикасни, но лишени од топлината на Евангелието? „Колку многу денес светот има потреба од нежност и љубов“, истакна Папата. „Нашиот одговор како христијани не може да биде различен од оној кој Бог го дава на нашата беда. Кон животот треба да се пристапи со добрина и нежност“.

Нежност, блискост и кроткост: ова е молитвата, која треба да ја упатуваме кон Господ, за да можеме да ја забележиме неговата „голема светлина“, онаа која пред две илјади години ја видоа чистите по срце:

„Ја видоа обичните луѓе, подготвени да го прифатат дарот Божји. Не можеа да ја видат арогантните, горделивите, оние кои ги прават законите според своите лични критериуми, оние кои се затвораат во себе“.

На Светата Литургија, по желба на папата Фрањо, за време на молитвата на „Верувам“ симфонискиот оркестар на Питсбург, под диригентската палка на Австриецот Манфред Хонек го исполни делото „Et incarnatus est“ од Мисата во До минор на Моцарт и со израелскиот солист, сопран Чен Реис. Потресно дело, што Папата ја ислуша во коленоприклонета молитва.

На крајот на Литургијата, со поворка папата Фрањо ја положи статуата на Младенецот Исус, која за време на богослужбата беше поставена на централниот олтар на Базиликата, во пештерата изградена во капелата „Воведение Господово“. За време на процесијата Папата беше придружуван од десетици деца од различни земји во светот, облечени во нивните народни носии.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот