Во недела, по молитвата Ангел Господов, Светиот Отец повика на прекин на нападите и итно воспоставување мир во Израел и Палестина
Ве молам, престанете со нападите и оружјето, бидејќи тероризмот и војната не водат до никакво решение, туку само до смрт и страдање на многу невини луѓе, апелираше Римскиот епископ во недела 8 октомври 2023 година по неделната молитва Ангел Господов.
Војната е секогаш пораз! Секоја војна е пораз!, нагласи Папата. Да молиме да завладее мир во Израел и Палестина!
Светиот Отец рече дека со вознемиреност и тага ги следи најновите вести кои доаѓаат од Израел, каде насилството продолжува со уште поголема жестокост, предизвикувајќи смрт и повреди на стотици луѓе.
Тој изрази сочувство до семејствата на жртвите и рече дека се моли за нив и за сите оние кои доживуваат часови на ужас и вознемиреност. Папата ги повика сите да молат за мир во Израел и Палестина.
Латинскиот патријахат повикува на деескалација на конфликтот
Во соопштението објавено во саботата, 7 октомври, Латинскиот патријахат на Ерусалим наведува: Големиот број жртви и трагедии, со кои треба да се справат и палестинските и израелските семејства, ќе создадат поголема омраза и поделеност и дополнително ќе биде уништена секоја перспектива за стабилност.
Католичкиот патријархат во Светата Земја ја опишува моменталната ситуација како многу загрижувачка. Ја повикуваме меѓународната заедница и верските лидери ширум светот да направат се за да се смири ситуацијата и да се обезбедат основните човекови права во таа област.
Потребата за решавање на конфликтот
Патријархатот инсистира на важноста од одржување на т.н „Статус кво“ во однос на сите свети места во Светата Земја, особено во Ерусалим; и итната потреба да се најде трајно и сеопфатно решение за палестинско-израелскиот конфликт во таа земја.
Официјалното соопштение завршува со молитва Бог да ги вдахнови светските лидери во нивната интервенција за спроведување на мир и хармонија, така што Ерусалим ќе биде дом за молитва за сите народи.
Ватикан њуз/к.мк