Сакам да ја изразам мојата близина со сите мајки, посебно со мајките чии деца страдаат – рече папата Фрањо во поздравите на крајот од Генералната аудиенција, споменувајќи го празникот Рождество на Пресвета Богородица, кој се празнува на 8 септември, според Грегоријанскиот календар. Посебно ги спомена мајките чии деца се во затвор каде – како што рече – многу луѓе си ги одземаат животите.
Говорејќи на крајот од Генералната аудиенција во среда 7 септември 2022 година за празникот Рождество на Пресвета Богородица, папата Фрањо посвети посебни мисли на сите мајки. Марија ја доживеала Божјата нежност како ќерка, полна со благодат, а потоа ја дарува таа нежност како мајка преку единство во посланието на нејзиниот Син Исус. Затоа денеска сакам да ја изразам мојата близина со сите мајки, а на посебен начин и со мајките чии деца страдаат – рече тој, споменувајќи ги нивните болни или маргинализирани деца, како и оние кои се во затвор.
Затоа, тој поттикна посебна молитва за мајките на младите затвореници, никогаш да не останат без надеж. За жал, во затворите има многу луѓе кои си го одземаат животот, понекогаш дури и млади луѓе. Мајчината љубов може да ги заштити од оваа опасност – истакна Папата и додаде: Богородица нека ги утеши сите мајки и сите оние кои се во депресија поради страдањата на нивните деца.
Ватикан њуз/к.мк