Ватикан њуз пренесува делови од книгата „Да се вратиме на нашите соништа“, која папата Фрањо ја напиша со новинарот Остин Ајвери, а во книжарниците ќе пристигне во декември. Дел од книгата што ја пренесе порталот Ватикан њуз на 23 ноември, а делови објави италијанскиот дневен весник „Ла Република“.
Кога имав 21 година, се разболев од сериозна болест и го доживеав првото искуство на ограничување, болка и осаменост. Тоа ги смени моите координати. Со месеци не знаев кој сум, дали ќе умрам или ќе живеам. Дури и лекарите не знаеја дали ќе се извлечам. Се сеќавам еден ден дека ја прегрнав мајка ми и ја прашав дали ќе умрам. Во тоа време бев втора година во Бискупската богословија во Буенос Аирес.
Се сеќавам на датумот; беше 13 август 1957 година. Во болница ме однесе директорот, бидејќи забележа дека мојот грип не се лекува со аспирин. Најпрво ми извадија литар и половина вода од едното белодробно крило, а после тоа се борев помеѓу животот и смртта. Во ноември ме оперираа и ми го извадија горниот дел од белодробното крило. Од искуство знам како се чувствуваат заболените од коронавирус, кои се борат да дишат приклучени на респиратор.
Од тие денови посебно се сеќавам на две медицински сестри. Едната беше главна медицинска сестра, монахиња, Доминиканка која предаваше во Атина пред да биде испратена во Буенос Аирес. Дури подоцна дознав дека, откако лекарот си замина по првиот преглед, им рече на другите медицински сестри да ја дуплираат терапијата што тој ја препиша – заснована на пеницилин и стрептомицин – затоа што нејзиното искуство и велело дека умирам. Сестра Корнелија Караглио ми го спаси животот. Благодарение на нејзиниот вообичаен контакт со пациентите, таа подобро од докторот знаеше што им е потребно на пациентите и имаше храброст да го искористи тоа искуство.
Друга медицинска сестра, Михаела, го стори истото кога имав силни болки. Таа тајно ми даваше посебни дози на седативи, надвор од предвиденото. Корнелија и Михаела се веќе во рајот, но јас секогаш ќе им останам должен. Тие се бореа за мене до крајот, сè додека не закрепнав. Тие ме научија што значи да се користи науката и да се знае како да се оди понатаму со цел да се одговори на посебните потреби.
Од тоа искуство научив и нешто друго: Колку е важно да се избегне ефтината утеха. Луѓето дојдоа да ме посетат и ми рекоа дека ќе бидам добро, дека никогаш повеќе нема да ја чувствувам таа болка; глупости, празни зборови изречени со добра волја, но кои никогаш не стигнаа до моето срце. Лицето кое најмногу ја допираше мојата внатрешност, со својата тишина, беше една од жените што ми го одбележаа животот – сестра Марија Долорес Тортоло, мојата учителка од детството, која ме подготви за Првата Света Причест. Таа дојде да ме посети, ме фати за рака, ме бакна и молчеше долго време. Тогаш таа ми рече: „Го имитираш Исус“. Не требаше ништо повеќе да каже. Нејзиното присуство, нејзината тишина беа голема утеха за мене.
После тоа искуство, решив кога ќе ги посетувам болните, да зборувам што е можно помалку и само да ги фатам за рака. […]
Би можел да кажам дека германскиот период, во 1986 година, беше „ковид прогонство“. Тоа беше доброволно прогонство, затоа што отидов таму да научам јазик и да барам материјали за да ја завршам дисертацијата, но се чувствував како риба надвор од водата. Одев на прошетка на гробиштата во Франкфурт, каде што се гледаа авионите како полетуваат и слетуваат; Почувствував копнеж за својата татковина, желба да се вратам. Се сеќавам на денот кога Аргентина го освои Светското првенство. Не сакав да го гледам натпреварот, дури следниот ден, читајќи весник, дознав дека победивме. Во мојата група по германски јазик, никој не рече ни збор за тоа, но кога една девојка од Јапонија напиша на таблата: „Да живее Аргентина“, другите почнаа да се смеат. Професорката влезе, кажа тоа да се избрише и ја затвори темата.
Тоа беше осамена победа, зашто немаше со кого да ја споделам; осаменост каде што не припаѓаш и те прави странец. Те отстранува од местото каде што сте и те става на место што не го познавате и токму тогаш сфаќаш што е вредно во местото кое сте го напуштиле.
Искоренувањето понекогаш може да биде оздравувачко или радикална преобразба. Таква беше мојата трета „ковид“ ситуација кога ме испратија во Кордоба, од 1990 до 1992 година. Тој период потекнува од мојот начин на командување, прво како провинцијал, а подоцна и како ректор. И јас сигурно направив нешто добро, но понекогаш бев многу строг. Во Кордоба ми возвратија и беа во право.
Во таа куќа на Исусовците поминав една година, десет месеци и 13 дена. Служев света Литургија, исповедав и давав духовни совети, но никогаш не излегував, освен кога требаше да одам во пошта. Тоа беше еден вид карантин, изолација, како што им се случи на многумина од нас последните месеци и беше добро за мене. Тоа доведе до созревање на моите идеи; Пишував и многу се молев.
До тој момент, имав уреден живот во монашката заедница, заснован на искуството, најпрво како духовен водител на новаците, а подоцна и во администрацијата од 1973 година, кога бев назначен за провинцијал до 1986 година, кога заврши мојот мандат како ректор. Бев навикнат на тој начин на живот. Ваквото искоренување, со кое ве испраќаат на некое изолирано место и ве ставаат за заменик, сè пореметува. Вашите навики, рефлекси на однесување, манирите зајакнати со тек на време, сето тоа пропадна и мораш да се научиш да живееш од почеток, да го обновиш својот живот.
Од тој период денес врз мене посебно влијаат три работи. Прво, дадена ми можноста за молитва. Второ, искушенијата што ги доживеав. И трето – најчудното – тогаш прочитав 37 тома од „Историја на Папите“, дело на Лудвиг Пастор. Можев да изберам некој роман, нешто поинтересно. Сега се прашувам зошто Бог ме вдахновуваше да го прочитам токму тоа дело во тој момент. Господ ме подготви со таа вакцина. Кога ќе ја запознаете таа историја, нема многу што ќе може да ве изненади со она што се случува во Римската Курија и во Црквата денес. Многу ми помогна!
„Ковидот“ во Кордоба беше вистинско прочистување. Тоа ми даде поголема толеранција, разбирање, можност за простување. Исто така, ми остави нова емпатија кон слабите и незаштитените. Како и трпеливост, многу трпеливост или дарот на разбирање дека на важните работи им треба време, таа промена е органска, дека постојат граници и треба да работиме во нивните рамки и истовремено да ги насочиме очите кон хоризонтот, како што правеше Исус. Научив дека е важно да се види големото во малото и да се биде внимателен на ситниците во големите работи. Тоа беше период на раст во повеќе смисли, како повторно никнување после темелното обрежување.
Но, морам да внимавам, затоа што кога ќе направиш одредени грешки, одредени гревови и ќе се исправиш, ѓаволот, како што вели Исус, се враќа, ја гледа куќата „изметена и уредена“ (Лука 11,25) и оди да ги повика другите седум духови, полоши од него. На крајот, за тој човек ќе биде многу полошо, вели Исус, отколку претходната состојба. Морам да се грижам за тоа сега, во мојата должност да управувам со Црквата; да не паѓам во истите грешки како кога бев провинцијал.
[…] Овие беа моите главни лични „ковиди“. Научив од тоа да страдам многу, но ако го дозволиш тоа да те менува, стануваш подобар. Ако, напротив подигнувате пречки, станувате полоши.
Ватикан њуз/к.мк