По прекинот поради пандемијата, папата Фрањо го продолжи својот обичај обредот миење нозе да го извршува во затвори или други места каде што се среќава човечка ранливост.
Вечерта на Велики Четврток, 14 април 2022 година, папата Фрањо го посети пристанишниот град Чивитавекија, северно од Рим, каде служеше света Литургија во новиот казнено-поправен дом, каде што им ги изми нозете на затворениците.
Обичај донесен од татковината
Папата Фрањо за време на неговиот понтификат на Велики Четврток по шести пат посетува казнено-поправен дом. Кога беше надбискуп на Буенос Аирес, тој служел света Литургија „Господовата вечера“ не во катедралата, туку „на периферијата на човечката егзистенција“, односно во болници, домови за стари лица, престојувалишта за бездомници или затвори. Овој обичај го донесе со себе во Рим, а неколку дена по неговиот избор за Петров наследник, реши да ја продолжи оваа чувствителна служба во Casal del Marmo во поправниот дом за малолетници во Рим.
Потоа следува каритативната установа „Пресвета Богородица на Провидноста“ со пациентите со попреченост (2014), римскиот казнено поправен дом Ребибија (2015 година), Прифатниот центар за бегалци Кастел Нуово ди Порто во близина на Рим (2016 година) и Затворот за сериозни злосторства во Палијано ( 2017), римскиот затвор „Regina Coeli“ (2018) и затворот во Велетри во близина на Рим (2019 година). Две години по ред ваквите посети беа прекинати поради пандемија.
Господ суди и простува
Пред портите на затворот Светиот Отец го пречекаа надлежните од установата. Папата веднаш појде во капелата, каде ја предводеше Светата Литургија. Претставници на органите за спроведување на законот, затворскиот персонал и владини претставници, вклучително и министерот за правда, беа присутни заедно со некои затвореници.
Како и обично во вакви прилики, Папата одржа импровизирана проповед, без напишан текст. Обредото миење нозе го нарече „чудна работа“. „Исус“, рече тој, „ги мие нозете на предавникот, оној што го продаде. Светиот Отец додаде дека на тоа нè учи и Спасителот, односно да служиме несебично и „колку би било прекрасно кога би имале можност тоа да го правиме секој ден и на сите луѓе“. Оној што служи е Исус, кој предавникот го нарекува „пријател“, чека до крај, простува сѐ. „Бог простува сè и Бог простува секогаш! Ние сме тие кои се изморуваме да бараме прошка“, рече тој, истакнувајќи дека секој од нас носи различни товари во срцето, но треба да бараме прошка од Исус. „Господ е Судијата, но неговиот суд е чуден: Господ суди и простува“, рече Папата, повикувајќи ги луѓето да продолжат со желба да служат и да си простуваат еден на друг.
По проповедта владееше тивок молк, а потоа Светиот Отец изврши трогателен обред, имитирајќи го гестот на Исус, кој го направи за време на Последната вечера. Меѓу дванаесетте затвореници од различни возрасти и националности на кои Папата им ги изми нозете имаше и три жени. Тие ја претставуваа заедницата од околу 530 затвореници, од кои многумина беа жени.
По светата Литургија, директорот на установата му се заблагодари на Папата, на кого му беа врачени и производи од градината, која ја обработуваат затворениците, како и некои производи направени од персоналот и затворениците. Во салата за посети се одржа кратка средба со членовите на заедницата, по што Светиот Отец се врати во Ватикан.
Ватикан њуз/к.мк