Папата Фрањо ги прими кралот Чарлс и кралицата Камила

Папата Фрањо ги прими кралот Чарлс и кралицата Камила

Папата Фрањо се сретна со британскиот крал Чарлс III и кралицата Камила во средата, на 9 април 2025 година во Домот Света Марта во Ватикан.

За време на кратката, но срдечна средба, двете страни размениле добри желби, а средбата се случила во особено значаен момент за британското кралско семејство – на 20-годишнината од бракот на кралот и кралицата и четвртата годишнина од смртта на принцот Филип, војводата од Единбург.

Во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол се наведува дека „папата Фрањо попладнево приватно се сретна со нивното височество, кралот Чарлс и кралицата Камила. За време на разговорот, Папата имаше можност да им честита на нивното височество по повод годишнината од бракот, а на кралот Чарлс му посака брзо закрепнување“.

Здравјето на кралот Чарлс и Светиот Отец беше во фокусот на вниманието на јавноста во последните месеци – кралот Чарлс беше хоспитализиран кон крајот на март поради несакани ефекти од лекувањето на ракот, дијагностицирани пред една година, додека папата Фрањо неодамна помина неколку недели на лекување во римската болница Гемели поради билатерална пневмонија и други здравствени проблеми.

Посетата на кралската двојка на Ватикан беше планирана како прв чекор од нивната официјална посета на Италија, која трае од 7 до 10 април. Бакингемската палата ја најави средбата на почетокот на март, додека Папата беше хоспитализиран само неколку дена, нагласувајќи дека кралот и кралицата ќе престојуваат во Ватикан за да го одбележат претстојниот јубилеј. Сепак, на 24 март беше објавено дека средбата се одложува поради препораките на лекарите на Папата. Кралската палата потоа објави: „Нивното височество му ги испраќаат на Папата своите најдобри желби за брзо закрепнување и се радуваат на идната средба кога неговото здравје ќе се подобри“.

И покрај првичното одложување, средбата сепак се одржа како дел од посетата на Италија, при што кралот Чарлс и кралицата Камила ги посетија и претседателот на Република Италија, Серџо Матарела, премиерот Џорџо Мелони, а кралот се обрати и пред членовите на италијанскиот парламент во Монтечиторио.

Односите на кралот Чарлс со Ватикан имаат долга историја. Како тогашен принц од Велс, Чарлс веќе го посети Ватикан во 2017 година, кога се сретна со папата Фрањо. Во октомври 2019 година, тој учествуваше на церемонијата на канонизација на кардиналот Џон Хенри Њуман, првиот британски светец во повеќе од четири децении. По тој повод, тој напиша статија за L’Osservatore Romano, истакнувајќи дека канонизацијата е „повод за славење не само за Обединетото Кралство и католиците, туку и за сите кои ги ценат вредностите кои ги застапувал кардиналот Њуман“.

Мајката на кралот, кралицата Елизабета Втора, се сретна со пет Папи за време на нејзиното седумдецениско владеење. По нејзината смрт на 8 септември 2022 година, Чарлс го презеде британскиот трон, а како монарх ја носи и титулата Врховен поглавар на Англиската црква.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот