Папата Фрањо во Торино по повод изложувањето на Торинското платно за јавноста
По повод изложувањето на Торинското платно за јавноста папата Фрањо ќе биде во дводневна посета на Торино, каде освен торинското платно тој ќе посети повеќе базилики и плоштади, каде ќе се сретне со повеќе категории на луѓе
Папата Фрањо на 21 и 22 јуни оваа година ќе биде присутен во Торино по повод изложувањето на Торинското платно на јавноста, од 19 – 24 јуни, по повод 200 годишнината од раѓањето на свети Иван Боско. Тоа го најави во Канцеларијата за печат при Светиот Престол, торинскиот надбискуп монс. Чезаре Носиља, папски чувар на светото платно.
Светиот Отец во недела 21 јуни, во 8:00 часот ќе пристигне на торинскиот аеродром и веднаш ќе се упати на централниот плоштад во Торино, каде што ќе се сретне со претставниците со работниците. По средбата Папата ќе влезе во катедралата каде што ќе се задржи во молитва пред Торинското платно и пред олтарот на блажениот Пиер Џорџо Фрасати. Во 10:45 часот на плоштадот Виторио ќе ја предводи светата Литургија, од каде потоа ќе отиде во надбискупскиот двор, каде што ќе руча со затворениците од затворот за малолетници, со неколку мигранти и бездомници, како и со едно ромско семејство.
По ручекот папата Фрањо ќе оди во приватна посета на Светилиштето на Утешителката, односно во базиликата Света Марија Утешителка, каде ќе се задржи во молитва, а потоа во базиликата Марија Помошничка, каде што ќе се сретне со салезијанците и со монашката заедница на Ќерките на Марија Помошничка. Пред базликата ќе ги поздрави младите едукатори и аниматори во ораториумот. Во 16:00 часот Светиот Отец ќе отиде во болницата Котелењо, односно во Малата куќа на Божјата Промисла, основана од свети Џузепе Бенедето Котелењо, каде што ќе се сретне со болните и инвалидите. Денот ќе го заврши со средба со младите.
Во понеделник 22 јуни, папата Фрањо утрото, во валдешкиот храм, ќе се сретне со валдешката делегација и пасторите, а потоа ќе се врати во надбискупскиот двор каде што со неколку членови од своето семејство приватно ќе се сретне, за нив ќе служи света Миса и со нив ќе руча. Пред заминувањето од надбискупскиот двор, Папата кратко ќе ги поздрави членовите на Одборот за изложување на Торинското платно, како и организаторите и поддржувачите на оваа посета, а во 17:00 часот ќе се упати кон торинскиот аеродром.
РВ/З.А.