Папата Фрањо во Анкара: Права и верска слобода за сите

Светиот Отец во петок 28 ноември, отпатува за Анкара, прва станица од неговата посета на Турција, инаку, шесто меѓународоно патување во неговиот понтификат. По дочекот и посетата на маузолејот на Ататурк, папата Фрањо во Претседателската палата им се обрати на претставниците на власта, истакнувајќи дека „солидарноста на сите луѓе кои веруваат треба да му се спротивстави на фанатизмот и фундаментализмот, како и на сите ирационални стравови кои негуваат недоразбирања и дискриминација“.

Папата ја нарече Турција природен мост помеѓу два континента и различните култури и потсети дека таа земја е скапоцена за христијаните како родно место на свети Павле, место на првите седум црковни собори како и место каде се наоѓа домот на Блажена Дева Марија, во Ефес. Ја истакна и потребата од длабоко разбирање и вреднување на она што ни е заедничко.

„Потребно е трпеливо да се чекори напред во задачата за изградба на траен мир, втемелен на почитување на основните права и обврски кои се вкоренети во достоинството на секоја личност“, истакна понатаму папата Фрањо. За таа цел е важно, сите граѓани – муслимани, евреи и христијани – да уживаат исти права и должности. Со тоа ќе се обезбеди меѓусебното пријателство како знак на посакуваниот мир.

„Не смееме да се предадеме пред сегашните судири, мислејќи дека состојбата никогаш нема да биде подобра! Со Божја помош можеме и мораме да ја обновиме храброста за мир!“ Тоа, пак, се постигнува со „солидарноста на сите луѓе кои веруваат“ и која солидарност почива на темелите на „почитта на човечкиот живот и верската слобода, односно слободата на богопочитување и живеење по моралната наука на сопствената вера; на предаденоста да им се додели на секоја личност она што е потребно за достоинствен живот како и грижа за околината.“

Сегашните судири, посебно „терористичкото насилство во Сирија и Ирак“, за жал, не покажува знаци на помирување. „Спротивно на основните хуманитарни закони се делува насилно врз затворениците и врз цели етнички групи“, а се прогонуваат и малцинствата како што се христијаните и језидите. Стотина илјади луѓе присилно ги напуштија своите домови и земји за да преживеат и останат верни на своите религиозни убедувања“, потсети Папата и забележа дека Турција ги прими стотиците бегалци, додека меѓународната заедница има обврска да им помогне во грижата за нив.

Оправдано е да се спречи неправедниот агресор, но проблемите неможе да се решат само со воен одговор. Достојни за човечки битки се борбите против гладот, поттикнувањето на одржлив развој и заштитата на создаденото, намалувањето на бројните облици на сиромаштво и маргинализација, нагласи папата Фрањо, завршувајќи: „Севишниот нека ја благослови и штити Турција и да ѝ помогне да биде силен и ангажиран миротворец!“

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот