Со сигурноста дека Бог нè љуби и дека е Отец ќе го победиме секое искушение.
Со ѓаволот не смееме да дијалогизираме, туку на неговите искушенија само треба да одговараме со Божјото Слово – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов во неделата на 10 март 2019 година, осврнувајќи се на Евангелието за Првата недела од Великиот пост (Лк 4, 1-13) кое зборува за Исусовите искушенија во пустината. После постот од четириесет дена, Исус три пати е искушуван од ѓаволот – рече Папата и истакна: Прво го повикува каменот да го претвори во леб (Лк 4, 3); потоа му ги покажал земските царства и му ветил дека ќе стане моќен и славен месија (Лк 4, 5-6); и на крајот го одведува на највисоката точка на ерусалимскиот храм и го поттикнува да се фрли долу за да ја покаже на величестен начин божествената сила (Лк 4, 9-11)
Тие три искушенија: алчноста за поседување, човечката слава и искористувањето на Бог укажуваат на трите патишта кои светот секогаш ги предлага, ветувајќи големи успеси – рече Светиот Отец и објасни: Алчноста за поседување секогаш е патот на подмолната ѓаволска логика. Поаѓа од природните и оправдани потреби за храна, живот, остварување и среќа, за да нè наведе да веруваме дека сето тоа е можно без Бог, па и против Него. Но, Исус се спротивставува говорејќи: „Не само со леб ќе живее човекот“ (Лк 4, 4). Присетувајќи се на долгото патување на избраниот народ низ пустината, Исус истакнува дека со целосна доверба сака да се препушти на Провидноста на Отецот која секогаш се грижи за своите деца.
Второто искушение е патот на човечката слава – рече папата Фрањо и продолжи – ѓаволот рекол: „Ако ми се поклониш, сето тоа ќе биде Твое“ (Лк 4,7). Може да се загуби цело лично достоинство, да се биде корумпиран од идолот пари, успех и моќ за да се постигне сопственото само остварување. После тоа може да се ужива во опојноста на празната радост која набрзо исчезнува. Затоа Исус зборувал: „На Господа, Твојот Бог, клањај Му се и само Нему служи Му!“ (Лк 4, 8)
Третото искушение е искористувањето на Бог за сопствена корист – рече Папата и додаде, ѓаволот кој цитирајќи ги Писмата го повикал да бара од Бог изворедно чудо. Исус повторно се спротивставува со цврста одлука да остане понизен и со доверба во Отецот: „Кажано е: Не искушувај Го Господа, својот Бог!“ (Лк 4, 12) На тој начин го отфрлил можеби најзаводливото искушение да „го повлече Бог на наша страна“, барајќи од Него милост која всушност служи за задоволување на нашата гордост.
Тие се патиштата кои ни се предлагаат дека со измама можеме да постигнеме успех и среќа – рече Светиот Отец и продолжи: Но во реалноста, тие се целосно непознати за Божјиот начин на делување; уште повеќе нè разделуваат од Него, затоа што се ѓаволско дело. Исус лично соочувајќи се со тие искушенија, три пати го победува искушението за целосно да се придружува на проектот на Отецот. Ни покажа средства за тоа: внатрешниот живот, верата во Бог и сигурноста во Неговата љубов. Со сигурноста дека Бог нè љуби и дека е Отец ќе го победиме секое искушение.
Одговарајќи на искушеникот Исус не влегува во дијалог со него, туку му одговара со Божјото Слово. Тоа нè учи дека со ѓаволот не се дијалогизира, туку треба да му се одговори со Божјото Слово. Да го искористиме затоа Великиот пост како привилегирано време за да се прочистиме и да го искусиме утешното Божјо присуство во нашиот живот. Мајчинскиот заговор на Блажена Дева Марија, пример за верност на Бог нека нè поддржува на нашиот пат, помагајќи ни секогаш да го отфрламе злото и да го прифаќаме доброто – рече папата Фрањо пред пладневната молитва.
Вчера во Овиедо во Шпанија за блажени се прогласени семинаристите Анџело Куартас и осум другари маченици кои за време на верскиот прогон биле убиени заради омраза кон верата – рече Папата и после молитвата Ангел Господов истакна: Тие млади кандидати за свештенство толку го сакале Господ што Го следеле на патот на крстот. Нивното јуначко сведоштво нека им помогне на семинаристите, свештениците и епископите да бидат цврсти и великодушни за верно да Му служат на Господ и на светиот Божји народ.
На крајот Светиот Отец ги поздрави сите присутни ходочасници меѓу кои посебно семејствата, парохиските заедници и здруженијата. На сите им посака одењето во велигденскиот пост да им биде плодно и се препорача во молитвите, како и своите соработници кои вечерва ќе ги започнат духовните вежби.
Ватикан њуз/к.мк