Папата со семејствата на бдение пред почетокот на синодата

Во недела, на 4 октомври, во 10 часот наутро во ватиканската базилика, папата ја предводеше воведната миса на почетокот на синодата. А, пак во саботата вечер, голем број на семејства се собраа на плоштадот Свети Петар на бдение со Папата.

Бдението на кое имаше сведоштва од брачните парови и проповед од Папата, беше организирано од Италијанската Епископската конференција. Исто така, вклучени се и заедници и црковни движења, меѓу кои Католичка акција, Неокатекуменски пат, Фоколари, Заедницата на свети Егидиј, скаути и други.

Потсетуваме дека на овогодинешната синода учествуваат 270 синодски отци, заедно со 18 брачни парови и претставници на 14 други Цркви и христијански заедници, а повеќе простор ќе биде дадено на работата во мали групи. На крајот на синодата ќе има само еден завршен документ “Relatio finalis”.  Папа Фрањо повторно повика на парезија, на отвореност во разговорите, како и минатата година кога кажа дека синода значи да се оди заедно, а тоа значи да се каже она што се мисли храбро и слободно, а, исто така понизно да се слуша и другиот.

Целта на синодата -според зборовите на Папата – е да се пронајдат конкретни решенија на бројните тешкотии и безбројните проблеми со кои семсјствата се  соочуваат. На крајот на минатогодишната синода, папа Фрањо кажа некои искушенија: оние така наречени традиционални, морални и совесни, кои немаат намера да се препуштат “Бог да ги изненади”, се затвораат во сигурноста на познатото и не се отвораат кон она што има сѐ уште да го научат. А потоа и искушението на т.н. прогресивеци, со нивниот “деструктивен бонизам” кои во име на -како што рече Папата-  лажен милосрдник ги завиткуваат раните пред да им стават лек.

Црквата која настојува да биде верна на својот Свршеник и на својата наука – речеПапата – не се плаши да ги засука ракавите и да ги полие човечките рани со елеј и вино, не гледа од стаклен дворец за да им суди или да ги  подредува луѓето, не се плаши да јаде со блудниците и даночниците, туку има широко отворени врати за оние во потреба, за оние кои се покајуваат, а не само за праведниците или оние кои веруваат дека се совршени! Црквата не се срами од ближниот кој паднал и не се прави дека не го видела, туку му помага да се подигне и го охрабрува да го продолжи патот -рече папа Фрањо.

РВ/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк.
Категорија: Ватикан

За авторот